Километри и километри долги огнени јазици од запалените ниви во Пелагонија вечерва создадоа густи облаци чад во пелагониската котлина и предизвикаа силно загадување на воздухот. Камерата на „Пари“ забележа дека пламенот на места доаѓаше и до самиот регионален пат Прилеп – Битола.
Двете најблиски мерни станици за мерење на квалитетот на воздухот, според сајтот на Министерството за животна средина, Битола 1 и Битола 2 од средата вечер не работат па не можат да ја регистрираат присутната концентрација на ПМ 10 честички во тој регион.
Праксата на палење на сламата и стрништата на нивите е, за жал честа појава во земјоделските региони во државава и покрај постојаните апели на надлежните за штетноста на оваа постапка, како и поради опасноста пожарот да се прошири и да предизвика материјална штета, па дури и да загрози човечки животи.
Токму пред еден ден, во атарот на селото Одрено, општина Ранковце загина 68-годишен жител на селото, палејќи го стрништето на својата нива, но ненадејно и самиот бил зафатен од пламен и се здобил со тешки изгореници од кои и починал.
Палењето стрништа деновиве беше причина и за дваесетина пожари на Шар планина и на Жеден, откако невообичаено топлото време ги измами земјоделците да си ги расчистат нивите во пресрет на пролетниот вегетативен период, па мораше да интервенира Центарот за управување со кризи.
Земјоделските стручњаци постојано предупредуваат дека праксата на палење на остатоци од претходната жетва на нивите, не само што загадува, туку и го уништува обработливиот слој на почвата во кој живеат бројни микроорганизми, бактерии, растенија, алги и габи, важни за фиксирање на азотот од воздухот и за разложување на хранливите материи. Палењето на нивите, исто така, редовно уништува и голем број на животно, птици, млади и нивните гнезда.