ПОВЕЌЕ

    2,2 милиони успешни трансакции во 2022 година со е-commerce од Комерцијална банка

    Време зa читање: 4 минути

    Е-продавницата стана задолжителна алка во синџирот кој продуцира успешни бизниси во денешното дигитално време. Пред и по Covid-пандемијата веќе ништо не е исто и затоа онлајн продажбата освојува сѐ повеќе купувачи. Токму затоа и Комерцијална банка е особено горда на својот придонес за развојот на е-трговијата во земјава.

    Како пионер во имплементацијата на e-commerce услугата во земјава, во далечната 2011 година, Комерцијална банка со постојаните иновации услугата ја доведе до врвно ниво. А, клиентите го препознаваат тоа. Заедничката доверба и соработка придонесоа во 2022 година банката да регистрира 2,2 милиони успешни трансакции, што е за 21% повеќе отколку во 2021.

    На секои 14 секунди Комерцијална банка процесираше по една успешна трансакција преку е-продавница во 2022 година. Тоа се 6.000 трансакции дневно, односно 180.000 успешни трансакции во е-трговијата месечно.

    “Задоволство е да се следи успехот на над 400 клиенти, кои во 2022 година ја користеа e-commerce услугата на Комерцијална банка за остварување на своите бизнис цели. Комерцијална банка секогаш ги поддржува иновативните дигитални канали за вршење плаќања бидејќи тие значат нови и подобри решенија согласно барањата на клиентите. Успешната е-продавница подразбира комплексен процес, во кој се особено важни добрата идеја, корисничкото искуство, дизајнот, автоматизацијата, брзината, доставата, безбедноста, маркетингот, таргетирањето вистинска целна група и, секако, банката партнер. Нашите клиенти добиваат беспрекорна поддршка во делот на процесирање на трансакциите и најстабилна основа за развој на нивниот бизнис план“, вели Владимир Киевски, одговорен за прифаќање банкарски картички во Комерцијална банка.

    Банката ги следи своите клиенти во сите нивни аспекти од работењето, па во тој контекст годинава беше златен партнер на Ecommerce Awards 2022 и ја обезбеди наградата за најдобра мобилна апликација за е-трговија.

    Според Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка, тоа само по себе покажува колку банката е посветена на овој сегмент од банкарското работење, колку верува во него и колку го поддржува.

    „Пораката што ја праќаме е многу едноставна: е-трговците треба да веруваат во себе, како што и банката верува во нивниот успех. Без разлика дали почнале пред неколку месеци или пред повеќе години, важен е фактот дека се осмелиле и почнале. Дефинитивно тој процес нема крај, но препорачливо е континуирано да се развиваат, надградуваат, да ги следат сите светски трендови бидејќи новите генерации, нивните потенцијални клиенти, растат со нив. Улогата на банката е да го сподели целото знаење и да ги советува клиентите како да дојдат до подобро решение, концепт кој носи успех и профит. Големиот број постоечки клиенти и искуството на целиот тим на банката кој работи во овој сегмент се значајни аспекти кои можат многу да придонесат за успех на електронската трговија како канал за продажба“, истакнува Чадиковски.

    Иновациите и особено дигитализацијата како современ тренд се процеси кои во Комерцијална банка стануваат уште подоминантни. Банката веќе ја воведе услугата за електронска идентификација без посета на шалтер преку апликацијата OneID, со што е прва во земјава која им овозможи на своите клиенти практична примена на електронскиот идентитет. Банката најавува дека оваа година ќе започне да ја нуди и услугата плаќање со линк, што за одредени трговци ќе го олесни концептот на прифаќање картички преку виртуелни ПОС-терминали.

    „Дигитализацијата е процес кој има почеток, но нема крај, без разлика дали се работи за внатрешни процеси во една компанија или за надворешни процеси кои директно ги користат клиентите. Една од стратешките определби на Комерцијална банка се иновациите. Тие се главните „виновници“ за нашиот успех и секогаш се во интерес на нашите клиенти. Постојано развиваме нови и подобрени решенија, водејќи сметка за елиминирање и на најмалите потенцијални ризици“, вели Чадиковски.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично