Во текот на следните 12 месеци шведската централна банка Риксбанк ќе ја тестира својата дигитална валута е-круна, а целта на пилот-проектот е да открие како граѓаните ќе ги користат тие дигитални пари. Како и класичната круна, нејзината дигитална верзија ќе се користи за секојдневни активности во банкарството, како што се плаќања, депозити и слично, користејќи ја мобилната апликација. Плаќањето со е-круна ќе биде едноставно како испраќање на текстуална порака, велат од банката.
Додека криптовалутите, кои исто така се базираат на blockchain, се децентрализирани и се управуваат од онлајн заедницата, оваа дигитална валута е само дигитална верзија на традиционалната валута издадена и управувана од централната банка на државата. Зголемената популарност на криптовалутите, најавата на дигиталната валута Libra на Facebook и фактот дека готовината се користи поретко, која ја заменија картички и мобилни плаќања, е причината зошто централните банки во поголем број земји размислуваат за издавање дигитални валути.
Се чини дека Шведска е идеално место за дигитална валута бидејќи земјата е најмалку зависна од готовина и повеќето луѓе повеќе не користат хартиени пари при плаќање. Голем број Швеѓани користат мобилни апликации или картички за плаќање, а некои трговци на мало и на големо размислуваат за целосно прекинување на парите од хартија, што може да се случи најрано за 3 години.
Пилот-проектот ќе се одвива во „изолирана тест околина“ во која ќе се симулира употребата на е-круната, а по неговото завршување, што ќе биде во февруари следната година, ќе се одлучи за следните чекори. Овие чекори може да вклучуваат тестирање на повеќе луѓе и ситуации и ако сите тестови се покажат успешни, Шведска би можела да стане првата земја со дигитална валута издадена од централната банка.