Пред 10 години Буџетот тежел 2,4 милјарда евра на приходната страна и 2,6 милијарди евра на расходната страна. Предлог-буџетот за 2022 година е во собраниска процедура, а на хартија е испишано дека ќе се соберат 3,8 милијарда евра приходи и дека ќе се потрошат 4,4 милијарди евра.
„Пари“ анализираше што е заедничко, а што различно на новиот со буџетите од претходните години. Заклучок е дека во последните години социјалните трансфери се половина од расходите, но дека порано имале помал удел, дека буџетските дефицити имале тренд на намалување од 2017 година, но дека короната тој тренд „сурово“ го прекинала со екстремен раст на дефицитот, дека износот на платите како бројка се зголемувал, но дека како процентуален удел во расходите се намалува.
Ставки | Предлог –буџет 2022 | Тековен буџет 2021 | Буџет 2020 | Буџет 2019 | Буџет 2018 |
---|---|---|---|---|---|
Приходи | 3,8 милијарди евра | 3,6 милијарди евра | 3,2 милијарди евра | 3,4 милијарди евра | 3,1 милијарди евра |
Расходи | 4,4 милијарди евра | 4,2 милијарди евра | 4,1 милијарди евра | 3,7 милијарди евра | 3,4 милијарди евра |
Дефицит | 545 милиони евра | 751 милиони евра | 918 милиони евра | 288 милиони евра | 293 милиони евра |
Плати | 531 милион евра | 514 милиони евра | 490 милиони евра | 462 милиони евра | 465 милиони евра |
Социјални трансфери | 2,02 милијарди евра | 2 милијарди евра | 1,9 милијарди евра | 1,8 милијарди евра | 1,6 милијарди евра |
Капитални расходи | 614,4 милиони евра | 484 милиони евра | 310 милиони евра | 369 милиони евра | 301 милиони евра |
(Буџетите се дадени во последната ребалансирана верзија)
ДРАСТИЧЕН СКОК НА КАПИТАЛНИТЕ ПРОЕКТИ
Она што овој буџет го разликува во однос на претходните, според изјавите на министерот за финансии Фатмир Бесими е висината на капиталните расходи. Тие се планирани на 614, 9 милиони евра, како никогаш досега, или ако се спореди со 2011 година, овој износ е поголем дури за 235 милиони евра! Капиталните расходи се дури за 27 проценти поголеми од овогодишните и имаат најголем процентуален удел од 14 осто од расходната страна, од сите досегашните буџети. Но, она што е проблем во сите изминати години е реализација на капиталните расходи…
„Пари“ веќе пишуваше дека во последните 10 години останале нечепнати 720 милиони евра, односно толкава била разликата од планираните капитални расходи во буџетите и нивната релаизација, според завршните сметки. За оваа година, фискалниот бројач, заклучно со 17-ти ноември одброја реализација на капитални проекти во вредност од 271,3 милиони евра, или 56% од планираните капитални расходи. Колу ќе одбори во 2022 година од амбициозните 614,9 милиони евра, останува да видиме.
ПОЛА ПЛАТА ЗА СОЦИЈАЛНИ ТРАНСФЕРИ – ФОРМУЛА КОЈА ТРАЕ 5 ГОДИНИ
Во однос на социјалните трансфери, ако што може да се види од табелата, од 2018 уделот на оваа ставка во расходната страна е речиси секогаш ист –социјалните трансфери постојано се речиси половина од државната каса. Така, во 2018 година имало за трошење 3,4 милијарди евра (со последен ребаланс), а социјалните трансфери биле 1,63 милијарди евра. Во 2019-та на расходната страна сме имале 3,7 милијарди евра, социјалните трансфери биле 1,77 милијарди евра, во 2020 година вкупните трошоци биле испланирани на 4,1 милијарда евра, а социјалните трансфери биле 1,92 милијарди евра, додека за годинава од 4,2 милијарди евра за трошење за социјалната компонента се предвидени 2 милијарди евра. Речиси идентичен износ, поточно 2,02 милијарди евра се предвидени за социјалните трансфери и во 2022 година, додека расходите се предвидени на 4,4 милијарди евра, што укажува на мало релаксирање на буџетот во однос на овие трансфери. Всушност, ако се гледа наназад пред 2018 година, може да се види дека уделите на социјалните трансфери биле нешто помали, па во 2011 година, кога расходната страна на буџетот тежела 2,6 милијарди евра, социјалните трансфери биле 1,09 милијарди евра.
ПЛАТИТЕ ВО АПСОЛУТЕН ИЗНОС РАСТАТ, КАКО УДЕЛ СЕ НАМАЛУВААТ
Ако пак, се погледа во платите на јавната админстрација, нивниот износ во 2011 година бил 378,5 милиони евра, потоа постепено износот за плати расте, а во 2018 и во 2019 година стагнира. Идната година ќе се потрошат 531 милиони евра за плати и овој износ е 14 милиони евра поголем од овогодинешниот буџет. Бесими објасни дека е тоа поради: зголемување на платите во здравство за 5 проценти, поголеми плати во судство за 15 проценти, раст на плати од 15 проценти за обвинителите, 7 проценти поголеми плати во образованието согласно колективниот договор, раст на плати во културата – согласно колективниот договор во кој растот се поврзува со растот на минималната плата и 10 проценти раст на платите на инспекциските служби согласно закон што е донесен и според кој ова ќе биде трета година како се корегираат нивните плати.
Ако пак, се анализира колкав удел има ставката плати во Буџетот, може да се забележи дека таа во 2011 година учествувала со 14,5 % од расходите, додека за наредната година, според планот, платите ќе учествуваат со 12,3% во вкупните расходи.
Редакција Пари