ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНСКИОТ ОРГАНСКИ ЛЕШНИК КОНКУРЕНТЕН НА ЕВРОПСКИОТ ПАЗАР

    Време зa читање: 3 минути

    Денес за прв пат во Македонија се одржа Конференција за лешникари – Сигурна иднина на Швајцарскиот пазар.

    Целта на оваа конференција беше да обезбеди корисни информации и поддршка за одгледувачите на лешници.

    Бошко Нелкоски, еден од организаторите на конференцијата, изјави дека од досегашното искуство со извоз на лешник во Швајцарија, може да се забележи дека земјата е класифицирана во А класа добавувачи.

    – Нашиот лешник е доста квалитетен. Во доста ставки е поквалитетен и од турскиот лешник, вели Нелкоски.

    На швајцарскиот пазар, како што посочи, се откупуваат околу четиристотини до петстотини тони органски лешник.

    – Во овој момент сме подготвени да извозиме органски лешник по нивниот квалитет, околу десетина до дваесет тони. Бараме да можеме да извозиме барем половина од тој потенцијал и да станеме партнер на оваа швајцарска компанија, а Македонија да стане препознаена како производител на лешник на територија на Европа, што е многу значајно, нагласи Нелкоски.

    На конференцијата беа споделени корисни информации кои ќе помогнат да се разбере процесот на сертификација, потребен за извоз на лешници на пазарите во Европската Унија и Швајцарскиот пазар, и за насоките за добивање на потребните сертификати.

    На оваа конференција  се зборуваше и за најновите барања од страна на лешникарите, за предизвиците со кои се соочуваат и предлог промени во легислативата, односно за промени во законодавството, посочувајќи како тие промени можат да им помогнат, како и за промени во субвенционирање и продажба.

    Свое обраќање имаше и г-дин Цветан Трипуновски, дополнителен заменик – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката влада, кој во својата изјава рече дека стојат на располагање за да се олесни пласманот на македонскиот лешник на европскиот пазар.

    – Како идна влада, стоиме на располагање. На оваа конференција ќе стане збор и за новиот закон за органско производство што е во фаза на припрема. Едноставно, да ги слушнеме двете страни, сѐ со цел да донесеме закон што ќе биде применлив, што ќе има ефект и ќе значи дополнително квалитетно земјоделско производство на лешник во Република Македонија, рече Трипуновски.

    Мисијата е да се придонесе за просперитетна и еколошки одговорна индустрија за лешници и да се обезбеди сеопфатна поддршка и ресурси за помош на земјоделците да успеат.

     

    Миланка Фијамин, претставничка на швајцарската фирма КООП „Халба“ вели дека се заинтересирани да купуваат македонски лешници за швајцарскиот пазар.

     

    – Во последните неколку години сме многу активни со нашиот партнер Бошко Нелкоски и со неговата фирма, со желба да го поттикнеме производството на лешници и извозот на органски лешник за швајцарскиот пазар, изјави Фијамин која посочи дека во моментот е тешко да се говори за минимална откупна цена.

    Свое излагање имаа и претставници од  СВГ, ИМЕ, ГИЗ и и др.

    Оваа конференција, за која покажаа голем интерес многубројни присутни посетители од целата земја и од странство, означува почеток на нова историја за лешникарството во Македонија, со што се очекува да стане една стратешка култура со сериозен и извозен потенцијал.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично