Какви се очекувањата на менаџментот на Макстил?
Во текот на втората половина од годината се очекува постепено нормализирање на побарувачката на челик кое ќе биде условено од стабилизирањето на пандемијата. Конкретно, нашите очекувања за третиот квартал се умерено оптимистички и се во директна зависност од развојот и движењата во големите европски економии како што се Германија и Италија меѓу другите. Имено, согласно планот, производниот погон Челичарница во текот на третиот квартал ќе работи во конинуитет, а ова ниво на работа се очекува да се задржи и во текот на четвртиот квартал. Работата на производниот погон Валавница воглавно е условена од нарачките на купувачите, при што нашите очекувања се изразуваат со умерен оптимизам, пред сè заради изгледите за нормализација на побарувачката на челикот и челичните производи, како резултат на позитивните перспективи за реактивирањето на проектите за инфраструктурен развој и вложувањата во обновливи извори на енергија, како изградба на ветерници, фотоволтаични централи за кои ќе биде потребен челик.
Компанијата ги превзема сите неопходни активности за остварувањето на поставените цели со посебен фокус на подобрувањето на условите за работа, безбедноста и здравјето на вработените. Исто така, во овој период незначително е зголемен бројот на вработените, и извршено е благо зголемување на платите. Во текот на оваа година компанијата продолжува со уште поголема присутност во форма на поддршка онаму каде што е најнеопходно, а наш најголем приоритет останува создавањето на позитивни промени во локалната заедница, каде што најнепосредно делуваме, и се разбира во општеството во целина. Макстил АД во континуитет се подготвува да одговори на најзначајните трендови во делот на животната средина што со сигурност ќе обезбеди полесна транзиција кон циркуларна и нискојаглеродна економија.