„Комерцијална банка“ има фантастичен старт годинава. Добивката порасна за 64 отсто и достигна 5,9 милиони евра.
Какви се очекувањата на менаџментот на Комерцијална банка за периодот што следи?
Макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност во текот на 2021 година се условени од ефектите од здравствената и економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19.
Во услови на значајно влошување на меѓународното економско окружување и негативни економски импликации од спроведувањето на мерките за спречување на ширење на коронавирусот во земјата, економската активност во 2020 година забележа пад, при што се очекува во текот на 2021 година економската активност да забележи раст со умерено темпо од околу 3,9%.
Се очекува да биде одржана макроекономската стабилност во Република Македонија преку одржување на ценовната стабилност и стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Просечната годишна стапка на инфлацијата, мерена според индексот на трошоците на животот, во 2021 година се очекува да изнесува околу 1,5% годишно.
Реализацијата на макроекономските проекции е придружена со ризици кои се поврзани со долготрајноста и последиците на здравствената криза, интензитетот на ефектите врз економијата и резултатите од економските мерки за нејзино ублажување, како и ризиците поврзани со евроинтеграциските процеси и задржувањето на политичката стабилност во земјата.
Банката ќе ги презема сите неопходни активности за прилагодување кон новонастанатите состојби, при што и во следниот период ќе биде фокусирана пред се’ на одржување на квалитетот на портфолиото и изнаоѓање флексибилни решенија на барањата на клиентите кои ќе бидат најзасегнати од здравствената и економската криза.