Шпаркасе Банка Македонија се приклучи кон иницијативата од Министерството за финансии и Владата на Република Северна Македонија и денес изврши аконтативна уплата на целокупниот пресметан данок на добивка во вкупен износ од 21.475.600 денари.
Со приклучувањето кон оваа иницијатива која обезбедува поголема ликвидност на државата и нејзиниот буџет, Шпаркасе Банка Македонија го дава својот придонес за полесно премостување на првите ефекти од кризата предизвикана од Корона вирусот COVID-19, како и за зголемување на капацитетите на надлежните државни органи за нивно непречено функционирање и спроведување на потребните мерки за заштита на населението во државата. Шпаркасе Банка Македонија ќе продолжи и понатаму да се однесува како одговорен корпоративен граѓанин на Република Северна Македонија и работејќи сите заедно да дадеме придонес кон минимизирање на негативните ефекти од Корона вирусот.
„Во овие услови нашиот главен фокус е да овозможиме континуирана и квалитетна услуга на нашите клиенти преку 24 – часовна достапност на нашите услуги за бесплатно вршење на електронски плаќања, достапност на нашите експозитури со редовно работно време и широката мрежа од околу 120 банкомати на Шпаркасе Групацијата низ државата. Стручниот тим на Шпаркасе Банка Македонија интензивно работи на развојот на концептите за олеснување на отплатата по основ на кредитните изложености на населението и компаниите и тие наскоро ќе бидат достапни преку нашата веб-страница“ – велат од Шпаркасе Банка Македонија.
Грижете се за Вашето здравје и спречете го ширењето на коронавирусот.