
Просечниот корисник на ЕОС Матрих Македонија е маж на 48-годишна возраст, со 1,6 задолжувања и просечен долг од 3.811 евра, што е за околу 50 отсто повеќе во споредба со претходниот анализиран период. Но, зад просечните бројки се кријат и посложени финансиски ситуации – има лица кои истовремено имаат девет или десет различни долгови. Финансиската нестабилност, губењето на работното место, доцнењето на платите и презадолженоста се меѓу главните причини поради кои граѓаните не успеваат навремено да ги исполнат своите обврски, покажува анализата на компанијата.
Податоците откриваат дека задолжувањето кај дел од корисниците станува посложено, особено кај лицата кои користат повеќе финансиски производи. Истовремено, се забележува зголемено користење на микрофинансиски производи, чиј број корисници во анализираното портфолио пораснал за 25 отсто во однос на претходниот период.
Сепак, најголемиот дел од корисниците немаат повеќе задолжувања. Над 58 отсто имаат само еден долг, а најбројни се лицата со обврски помали од 2.000 евра. Според статистиката на компанијата, речиси 30 отсто од корисниците чии побарувања ги презема ЕОС Матрих успеваат целосно да ги затворат своите долгови.
Кој најчесто доцни со отплатата?
Анализата покажува дека просечниот корисник е маж на 48 години, додека најзастапени според бројот на задолжувања се граѓаните на возраст од 41 до 55 години. Опфатени се корисници на возраст од 18 до 89 години, што укажува дека проблемите со отплатата се присутни кај различни генерации, но се разликуваат според видот на задолжувањето и начинот на неговото сервисирање.
Кај помладите до 25 години почесто се среќаваат кредитни картички и микрофинансиски производи. Тие во просек подоцна започнуваат со отплата, најчесто поради невработеност, но откако ќе се вработат, побрзо ги затвораат обврските.
За разлика од нив, повозрасните корисници почесто имаат кредитни задолжувања, а долговите ги отплаќаат постепено, во помали износи и во подолг временски период.
Мажите сочинуваат околу две третини од корисниците во анализираното портфолио, додека жените, според податоците на компанијата, покажуваат поголема ефикасност во навременото исполнување на финансиските обврски.
Географски, најголем дел од корисниците се концентрирани во Скопје, а потоа следуваат Гостивар и Тетово.
Речиси половина од корисниците направиле уплата
Иако расте просечниот износ на долгот, податоците покажуваат дека дел од корисниците успеваат да најдат начин за негово постепено намалување.
Околу 48 отсто од корисниците извршиле одредена уплата, целосна или делумна, а просечниот износ на уплата изнесува приближно 1.200 евра.
Од ЕОС Матрикс посочуваат дека помалите задолжувања имаат поголема веројатност да бидат отплатени за пократко време, додека кај посложените случаи е потребен индивидуален пристап, со приспособување на динамиката на отплата кон финансиските можности на должникот.
Компанијата во Македонија управува со портфолио од околу 150.000 предмети, кои опфаќаат побарувања од физички и правни лица. Овие податоци се однесуваат на корисниците и побарувањата со кои управува компанијата и не претставуваат статистика за вкупната задолженост на населението во земјата.
Корисниците бараат поддршка, а комуникацијата сè повеќе се дигитализира
Покрај анализата на задолжувањата, ЕОС Матрих спровела и анкета меѓу своите корисници во период од 30 дена, со цел да го испита нивното задоволство од услугите и поддршката при решавањето на финансиските обврски.
Според објавените резултати, сите анкетирани корисници изразиле задоволство од целокупната услуга и од добиената поддршка. Притоа, 93 отсто оцениле дека информациите биле јасни и лесно разбирливи, додека седум отсто биле делумно задоволни од добиените информации.
Главната извршна директорка на ЕОС Матрих Македонија и ЕОС Косово, Катерина Бошевска, оценува дека резултатите ја потврдуваат потребата од индивидуализирана поддршка за граѓаните кои имаат тешкотии со отплатата.
„Добиваме јасен сигнал дека потребата од професионална и индивидуализирана поддршка се зголемува. Истражувањето покажува дека се менува финансиското однесување на граѓаните“, посочува Бошевска.
Таа нагласува дека управувањето со побарувањата има значајна улога и во враќањето на средствата во економските текови, а со тоа и во одржувањето на ликвидноста.
Паралелно со промените во структурата на задолжувањата, се менува и начинот на кој корисниците комуницираат со компанијата.
Во последните две години се зголемува користењето на дигиталната платформа MyEOS, преку која корисниците можат да пристапуваат до информации и да вршат онлајн плаќања. Во првата година од нејзиното воведување биле регистрирани близу 100 корисници, а во наредните години нивниот број се зголемил на неколку стотици.
Младите почесто ги користат дигиталните канали, електронската пошта и апликациите за комуникација, додека повозрасните сè уште претпочитаат директен контакт со вработените и посети на канцелариите.
Овој тренд се совпаѓа со пошироките промени во финансискиот сектор. Според истражувањето „EOS Banking AI Barometer“, 46 отсто од анкетираните европски потрошувачи оцениле дека вештачката интелигенција ја подобрила комуникацијата со нивната банка. Дополнително, 29 отсто би претпочитале за чувствителни финансиски прашања да разговараат со вештачка интелигенција наместо со човек, а 61 отсто сакаат навремени предупредувања со помош на оваа технологија кога постои ризик од пречекорување на сметката.
Податоците од анализата на ЕОС Матрих укажуваат дека финансиските тешкотии не се поврзани само со висината на долгот, туку и со стабилноста на приходите, возраста и бројот на преземените обврски. Зголемувањето на просечната задолженост дополнително ја нагласува важноста на навременото препознавање на ризиците и изнаоѓањето одржливи начини за отплата.
Аналитика








