Турскиот Казанчи Холдинг е заинтересиран во Македонија да гради когенеративни гасни централи во Македонија со 500 мегавати инсталиран капацитет и годишно производство на 4,1 терават часови електрична енергија и на околу 720 гигават часови топлинска енергија. Со раководството на водечката турска компанија во енергетскиот сектор се разговара за изградба на секундарна мрежа на гас и топловодна мрежа која ќе стигне до домаќинствата по поволни услови. Приклучоците кон тие мрежи би требало да се бесплатни за граѓаните, а цената на природниот гас за домаќинства да е многу пониска од берзанските, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
Преку своите енергетски компании Казанчи Холдинг групацијата е во редот на најголемите енергетски гиганти. Со повеќе од 25 години искуство, „Акса Енерџи“ е лидер во енергетскиот сектор и клучен глобален инвеститор во одржлива енергија.
Компанијата располага со инсталиран капацитет од над 3.500 мегавати во осум земји, а мнозинскиот сопственик на „Акса Енерџи“, Казанчи Холдинг, работи во 22 земји на четири континенти.
Казанчи Холдинг е основана во 1950-те години и со текот на годините постигнала глобална моќ преку инвестиции низ светот. Енергетскиот бизнис датира од 1968 година со фабриката за електрични мотори Watt. Со изградба на електрични централи и со производство на електрична енергија започнува во 1990-те години. А, во почетокот на 2000-те стартувале со дистрибуција на природен гас, па во 2010 година и со дистрибуција и продажба на електрична енергија.
Како што пишува на нивната веб-страница, Групацијата континуирано ја зголемува додадената вредност што ја креира во турската економија, преку инвестиции и во земјоделството и во туризмот. Во туристичката дејност е застапен со четири хотели, од кои се издвојува Mirada Exclusive со пет ѕвездички во Бодрум.
Како глобален играч со производни капацитети на четири континенти има повеќе од десет илјади вработени. Извезува во 178 земји низ светот. Холдингот, според податоците, генерира годишни приходи од над три милијарди долари и остварува добивка од над 150 милиони долари.
За успехот на холдингот како клучен елемент се издвојуваат компаниите кои работат под брендот Акса, како „синоним за квалитет и иновативност во енергетската индустрија“. Во тие рамки е и „Акса Енерџи“, глобалната енергетска компанија со инвестиции во електрани во седум земји, а првата цел надвор од Турција била Африка – во Гана, Мадагаскар и Мали. По успешните инвестициски проекти на тој континент, „Акса енерџи“ ја прави и првата инвестиција во Азија, во Узбекистан. Присутен е и во делови од Европа. „Акса Енерџи продолжува со вложувања во сите географски подрачја“, пишува на веб-страницата на овој гигант.
Основач на оваа империја е Али Метин Казанчи, почесен претседател на Бордот на директори, кој сега го предводи неговиот син Џемил Казанчи – лани рангиран од „Форбс“ на четвртото место со богатство проценето на 3,1 милијарда долари.