ПОВЕЌЕ

    Предлог филм: Margin Call (2011) Црн понеделник

    Време зa читање: 4 минути

    Големата глобална економска криза достигна вознемирувачки размери во 2008 година, а режисерите не се двоумеа да ги пренесат драматични околности на големото платно. Талентираниот J.C. Chandor за својот деби-проект (очекувано снимен како дел од независна продукција) избра возбудлива приказна сместена во луксузните простории на една инвестициска банка. Приказната опишува 24 часа, еден ден и една ноќ, еден краток, бурен период во кој беа променети многу човечки судбини, и тоа не само на банкарските големци, туку и на наивните граѓани, обичните смртници кои лесно поверувале дека банките можат да им обезбедат подобар стандард.

    Без некој детален вовед, режисерот „оди директно на првата топка“. Искусниот финансиски аналитичар задолжен за проценка на ризикот на инвестициите, Ерик Дејл (Стенли Тучи) е на списокот за добивање на отказно решение. Во новонастанатите околности, според мислењето на семоќните шефови, тој станува непотребен, чист технолошки вишок. Отказот стапува на сила веднаш и пред напуштање на службените простории, Ерик му подава USB стик на неговиот помлад колега Питер (Захари Квинто), со кратко предупредување да биде многу внимателен со содржината.

    Интелигентниот млад човек е љубопитен и одлучува да се запознае со содржината складирана на USB стикот уште истиот ден, и на тој начин доаѓа до фрапантни податоци. Финансискиот колапс на моќна корпорација е неминовен, па се поставува само прашањето дали е можно штетата да се ублажи барем малку. Итно е свикан состанок на сите раководни структури, затоа што времето е сé poкратко и неопходно е да се донесат некои тешки одлуки…

    Социјално ангажираната трилер – драма е прогласена за ефективна критика на современото општество во кое големите меѓународни финансиски корпорации играат многу важна улога во животот на чесните граѓани. Деликатниот пазар на капитал во немилосрдна трка за профит едноставно нема слух за хуманоста. Принципите на корпоративниот бизнис се строго дефинирани и тука нема простор за емоции или малку сочувство за вработените или клиентите. Забележително е дека филмот е полн со сугестивни дијалози, кои режисерот успешно ги користи за да постигне завидна драматична конзистентност и соодветно на тоа да го задржи вниманието на публиката.

    Ангажирањето на голема актерска екипа се покажа како оправдано. Реномираниот  актерски ансамбл (меѓу кои и вистински актерски бардови, како Џереми Ајронс и Кевин Спејси), сите поставени задачи ги одигра правилно, оправдувајќи ја ˶гужвата˝ на сетовите. Соодветниот актерски израз му дава на филмот одредена нота на автентичност, па затоа не изненадува фактот што некои гледачи беа убедени дека приказната е 100% вистинита. И покрај тоа што оваа трилер – драма е ограничена временски, па и просторно (целото дејство практично се случува во една зграда – седиштето на компанијата), сепак има доволно динамика да нè размрда, вознемири, па дури и да не зашемети со моќната порака што толку експлицитно ни ја испраќа, без пардон.

    Ова е филм со длабочина, остава белег како некој вид на сведоштво за тоа колку далеку може да оди човечката алчност и како тоа се манифестира преку фаталните последици врз целото општеството (ех тој безмилосен капитализам).

    Погледнете го краткото видео

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично