
Летувањата одамна не се единствениот двигател на туристичките агенции во Македонија. Денес, тие продаваат многу повеќе од класични аранжмани за Грција или Турција, организираат далечни експедиции, city break патувања, авантуристички тури, чартер-летови, корпоративни патувања и комплетна туристичка логистика за илјадници патници во текот на целата година.
Бројките покажуваат дека апетитот за патување кај македонските граѓани не слабее. Според податоците од „Бизнис мрежа“, во 2025 година дури 325 туристички компании оствариле вкупен приход од 176,2 милиони евра, што е раст од 14,3 насто во однос на преклани. Истовремено, вкупната добивка во секторот достигнала 4,5 милиони евра, со раст од 9,1 насто.
Анализата на „Пари“ покажува дека туристичкиот пазар станува сè подинамичен, дел од агенциите агресивно растат преку чартер-летови и масовни сезонски аранжмани, а други го користат бумот на далечните и авантуристичките патувања. Но, зад високите приходи стои индустрија со големи организациски трошоци, силна сезоналност и постојана битка за нови дестинации и туристи.
КАРАЏИ ТУРС СО НАЈСИЛЕН РАСТ, ФИБУЛА И НАТАМУ Е ЛИДЕР
Лидер по приходи е туристичката агенција Фибула Ер Травел, со 15,4 милиони евра приход во 2025 година. За разлика од најголемиот дел од секторот, компанијата бележи пад од 4,4 насто, што покажува дека позицијата на врвот веќе не е толку недопирлива како претходните години, бидејќи од 2021 до 2025 година приходите бележеа континуиран раст.
Веднаш зад неа е охридскиот ДМЦ Балканс, кој има цврсти позиции. Прометот што го остварила оваа агенција изнесува 13,4 милиони евра проследен со раст од 23,2 насто, што ја потврдува сè посилната улога на Охрид како центар на организираниот туризам и incoming-аранжманите.
Најголемото поместување лани го направила туристичката агенција Караџи Турс Балкан, заземајќи го третото место. Компанијата го зголемила приходот од 8,1 на 11,9 милиони евра, односно за дури 46 насто – највисок раст меѓу водечките туристички агенции.
Силен раст, од 35,9 насто, има и кај КТМ Воијаге од Охрид. Оваа агенција е специјализирана како B2B компанија во креирање уникатни, кружни патувања по мерка и тематски патувања. Организира патувања низ Балканот и во Јужна Кореја.
Во првата десетка по приходи се наоѓа и Џангл Трајб Македонија, односно компанијата Цел Свет ДОО, која во 2019 година влезе на македонскиот пазар, со концепт што постепено почна да ја менува домашната туристичка мапа. Оваа агенција го зголемила приходот за 13,4 насто и стигнала до 5,6 милиони евра. Тоа е уште еден показател дека далечните и авантуристичките патувања стануваат сè поважен сегмент во туристичкиот бизнис.
Пад на приходот, освен Фибула, има и кај Атлантис од Струмица, и тоа за 2,2 насто. Но и покрај тоа, компанијата останува дел од десетте најголеми туристички агенции во државата.
Извор: Бизнис Мрежа
ТУРИЗМОТ НОСИ МИЛИОНИ, НО НЕ И СИГУРЕН ПРОФИТ
Најпрофитабилна туристичка агенција во 2025 година е ДМЦ Балканс од Охрид, со добивка од 574,4 илјади евра. Компанијата не е лидер по приходи, но очигледно многу поефикасно го претвора прометот во заработка, што ја издвојува како финансиски најстабилен играч во секторот.
Веднаш зад неа е Бисер Травел, каде што добивката скокнала од 149,6 на 412,7 илјади евра, што е раст од речиси 176 насто. Силен раст има и кај Караџи Турс Балкан, кој ја зголемил добивката за 134,8 насто и стигнал до 304,5 илјади евра. Тоа покажува дека дел од агенциите годинава не само што привлекле повеќе патници, туку успеале и значително подобро да ги контролираат трошоците.
Меѓу најинтересните примери повторно е Цел Свет, односно Џангл Трајб Македонија. Компанијата ја удвоила добивката и стигнала до 327 илјади евра, што е раст од над 105 насто. Тоа е уште една потврда дека далечните и авантуристичките патувања стануваат сè попрофитабилен сегмент на домашниот туристички пазар.
ЕГЗОТИЧЕН БИЗНИС: Македонците патуваат сѐ подалеку, а Џангл Трајб заработува сѐ повеќе
Особено впечатлив е случајот со ФС Травел. Иако не е меѓу најголемите по приход, компанијата бележи експлозивен раст на добивката од над 2.900 насто, од само 4,9 илјади евра во 2024 година на 150,5 илјади евра во 2025 година.
Листата на највисоки добивки не се поклопува целосно со листата на приходи. Од десетте најпрофитабилни туристички агенции, три воопшто не се меѓу десетте најголеми по приход – ФС Травел, Травел Стори и Саватоурс МК. Тоа покажува дека во туристичкиот бизнис не победуваат секогаш компаниите со најголем промет, туку и оние што успеваат поефикасно да ги менаџираат трошоците, да работат со поисплатливи аранжмани или да таргетираат поспецифични и попрофитабилни туристички сегменти.
На спротивната страна е Фибула Ер Травел. Иако е лидер по приходи, добивката на компанијата се намалила за дури 81,5 насто – од 873,6 илјади на 161,9 илјади евра. Тоа е можеби и најдобриот пример дека во туристичкиот сектор големиот промет не гарантира автоматски и најголема заработка.
Бројките покажуваат дека во овој бизнис најважно не е само колку туристи ќе се привлечат, туку колку ефикасно ќе се менаџира целиот туристички синџир.
Извор:Бизнис Мрежа
ЕГЗОТИЧЕН БИЗНИС: Македонците патуваат сѐ подалеку, а Џангл Трајб заработува сѐ повеќе

Катерина Михајлова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








