ПОВЕЌЕ

    Од денес започнува наградната игра МојДДВ #МојаНаграда

    Време зa читање: 3 минути

    Од денес со скенирање на секоја фискална сметка преку апликацијата МојДДВ, секој полнолетен граѓанин е потенцијален добитник на една од 3.852 награди во вкупен износ од половина милион евра. Секој ден се скенира за 10 дневни награди – 4 од 1.000, 3 од 2.000 денари и 3 од 3.000 денари. Недобитните сметки од дневниот циклус добиваат сериски броеви кои ќе влезат во месечниот циклус за 15 награди од по 100.000 денари, како и за двете премии од 3.000.000 денари.

    Наградната игра ќе трае една година. Предвидени се 1.468 награди од по 1.000 денари, 1.101 награда од по 2.000 денари, 1.101 награда од 3.000 денари, 180 награди по 100.000 денари и две главни премии од по 3.000.000 денари.

    За да учествува во наградната игра, лицето треба да е регистрирано на системот е-Персонален данок, да е корисник на апликацијата МојДДВ, како и да ги прифати условите за учество во МојДДВ #МојаНаграда.

    Извлекувањето на дневните награди ќе се извршува со електронски генератор по случаен избор. Добитниците на дневни награди ќе добијат известување веднаш по скенирање на сметката. Сите недобитни пак, ќе добијат порака со едукативно-информативна содржина. Исто така, недобитните скенирани сметки добиваат сериски број со кој учествуваат во извлекувањата во тековното коло за 15 награди од 100.000 денари, како и за двете главни премии.

    Извлекувањето на наградите од по 100.000 денари и премиите од 3 милиони денари ќе се одвиваат во живо од студиото каде се одвива Лото извлекувањето веднаш по извлекувањето на Лото 7 и Џокер. Првото извлекување за 15 награди од по 100.000 денари ќе биде на 4 јануари 2020.

    За сите дополнителни прашања граѓаните можат да се обратат до контакт центарот на Државна лотарија, или страната loto.mk/MojaNagrada.

    Од денеска граѓаните кои скенираат фискални сметки ќе имаат трикратна корист: можност за добивање на една од паричните награди до 3.000.000 денари, второ поврат на ДДВ и трето ќе придонесуваат во борбата против сивата економија. При презентација на наградната игра министерката за финансии Нина Ангеловска посочи дека МојДДВ #МојаНаграда е креирана по најдобри практики на наградни игри во други земји за адресирање на сива економија. Со наградната игра граѓаните добиваат мотивација плус да бараат и скенираат фискални сметки и со тоа да влијаат на намалување на даночната евазија која е штетна за економијата. „Единствено кога губи сивата економија, добиваат сите“, рече Ангеловска.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично