ПОВЕЌЕ

    Образованието е најмоќното оружје кое можете да го користите за да го промените светот

    Време зa читање: 5 минути

    „Образованието е најмоќното оружје кое можете да го користите за да го промените светот“, Нелсон Мандела.

    Образованието претставува најмоќната алатка којашто денес еден човек може да ја поседува. Може да се каже дека образованието ни помага да го зголемиме знаењето за да можеме активно да ги постигнуваме и да одговориме на предизвиците со коишто секојдневно се соочуваме во животот.

    Образованието претставува пасош којшто со леснотија ги отвора вратите од иднината давајќи ни моќ којашто никој не може да ја одземе. Образованието е клучот слабоста за да се претвори во сила. Што е уште поважно, тоа ни обезбедува значителна ментална агилност за да донесеме правилни одлуки и да почнеме да дејствуваме кога е потребно.

    Меѓутоа, образованието има многу позитивни бенефити и индивидуални,  но и за општеството во целина. Од една страна, придонесува за креирање на подобри можности за вработување обезбедувајќи поголеми приходи, развивање на различни вештини кои помагаат за просперитетен и среќен живот од повеќе аспекти. Од друга страна, високата стапка на образование овозможува подобрување на економијата, изградба на модерно општество, решавање на општествени проблеми и предизвици и креирање на еднакви можности за сите.

    Денес постојат многу формални и неформални типови на образование во безброј области, но финансиското образование и финансиската едукација е тоа што секоја индивидуа треба да го поседува. Финансиската писменост е способност да се  разберат и ефективно да се користат различни финансиски вештини, вклучувајќи лично финансиско управување, буџетирање, инвестирање, управување со ризици и слично.

    Во последниве децении финансиските производи и услуги станаа сѐ повеќе распространети збогатувајќи ги финансиските одлуки, но, од друга страна, бараат и разбирање на одредени економски концепти како што се сложената каматна стапка и временската вредност на парите. Како резултат на комплексноста и потребниот период за разбирање, развиените земји се обидуваат финансиската едукација да ја започнат што е можно од порана возраст, преку воведување на предмети во училиштата.

    Нивото на финансиска писменост во една држава е од исклучителна важност. Истражувањето спроведено од „Standard & Poor’s“ покажува присуство на силна позитивна врска помеѓу финансиската писменост на населението со економскиот развој на една држава мерено преку реалниот БДП по глава на жител.

    Нивото на финансиска писменост може да варира во зависност од нивото на образованието и приходите, но анализите покажуваат дека високообразованите потрошувачи со високи примања можат да бидат исто толку неуки за финансиските прашања како и помалку образованите потрошувачи со пониски приходи (иако, генерално, вторите имаат тенденција да бидат помалку финансиски писмени). Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), луѓето изјавиле дека изборот на вистинската инвестиција за план за штедење во пензија бил постресен отколку од посетата на стоматолог.

    Така и во Република Северна Македонија финансиската писменост се смета дека е од јавен интерес, бидејќи индивидуалните и личните одлуки влијаат врз целокупниот економски раст и развој на државата. Според податоци добиени од НБРСМ, нивото на финансиска писменост на возрасното население во РС Македонија изнесува 56 % од максимумот, што е блиску до просекот на Југоисточна Европа од 57 %, но е пониско од постигнатите резултати на земјите членки на Европската Унија и ОЕЦД, од 64 и 65 %, соодветно, со што се упатува на неопходноста за понатамошни активности.

    Од друга страна, пак, според најновото истражување на ОЕЦД, од аспект на финансиска инклузија, во нашата држава, луѓето најчесто користат платежни услуги (67 % од испитаниците), 44 % се корисници на кредитни производи, а 36 % се изјасниле дека користат одредена форма на заштеда (депозит, удел во инвестициски фонд, заштеди за пензионирање и слично), додека само 5 % се корисници на некаков вид на осигурување.

    Според податоците, видливо е дека со текот на годините финансиската писменост на македонското население се зголемува, но процесот на финансиска едукација, несомнено, треба да продолжи со зголемен интензитет и вклучување на сѐ повеќе луѓе во истиот.

    Преку креирање и употреба на современи технологии и едукативни алатки (апликации, веб-страници, стимулативни игри и слично) коишто овозможуваат разбирлива, достапна и бесплатна содржина, може да се влијае врз луѓето да донесуваат помудри финансиски одлуки, но и долгорочно да се придржуваат до истите. Потоа, помасовно вклучување на национални настани како што се „Денови на финансиска писменост“, почеста организација на предавања поврзани со финансиска едукација во основното, средното и високото образование и можност за воведување на предмети.

    Покрај активностите коишто треба да се преземаат од страна на финансиските и регулаторните институции и луѓето самоиницијативно треба да се залагаат за зголемување на финансиската едукација, преку онлајн курсеви, присуство на организирани настани и предавања од таа област или доколку сакаат подлабоко да навлезат во финансискиот свет, преку полагање на одредени лиценци за финансиска анализа како што е CFA (Chartered Financial Analyst).

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично