Апликацијата МојДДВ ја постигнува целта – расте остварениот промет изразен низ фискалните сметки, за нивно неиздавање поднесени се 5.632 претставки, а повратот од 6,6 милијарди денари во овие четири години влијаел врз јакнењето на даночниот морал
Вратени се 107,5 милиони евра, има 538.919 корисници на возраст од 15 па до 90 и повеќе години, поажурни се жените, а најмногу пари, според скенираните фискални сметки, се трошат во маркетите и на бензинските станици. Во овие бројки се содржани четирите години од функционирањето на апликацијата МојДДВ. Успешноста на проектот се мери и со 5.632 поднесени претставки за неиздадени фискални сметки, што упатува на јакнење на свеста за значењето на даноците и за сузбивањето на нелојалната конкуренција и сивата економија.
Скенирањето сметки за овие четири години кај граѓаните врати 6,6 милијарди денари или 107,5 милиони евра. На почетокот, во третото и четвртото тримесечје од 2019 биле исплатени 155.344.780 денари, во 2020 – 1.270.015.383 денари, во 2021 – 1.787.906.568 денари, а лани е достигнат износ од 2.164.342.418 денари.
За првите три месеци од годинава на граѓаните им се исплатени 1.235.036.033 денари. Парите, пак, од скенираните фискални сметки за април, мај и јуни ќе пристигнат во август, при што се предвидуваат 696 милиони денари,односно 11,2 милиони евра. Тоа се сериозни средства вратени на граѓаните кои скенираат фискални сметки и на тој начин директно ги подобруваат семејните буџети, рече на годишнината од стартот на овој проект директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.
МојДДВ има многу приврзаници. Досега се регистрирани 538.919 корисници, а нивниот број постојано е во подем. Во 2019 година имало 213.055 корисници. Во 2020 се приклучиле уште 149.753 лица. Во 2021 година почнале со скенирање 74.668 граѓани. Нови 70.314 се евидентирани лани. А, во првата половина од годинава, друштвото обединето од апликацијата МојДДВ се зголемило за 31.129 корисници.
Статистиката на УЈП покажува дека жените скенирањето е повеќе женска работа. Во корисничката структура 293.348 се жени, а 245.571 се мажи. Со 74.866 фискални сметки Штипјанка ја предводи листата на лица кои најмногу скенираат. На второто место со 52.731 сметка е жителка на Валандово. Граѓанин од Кичево е на третата позиција со 41.647 скенирани фискални сметки. Понатаму, според изразениот интерес на жителите за скенирање, редоследот на градовите е – Битола, Велес, Скопје, Прилеп, Кочани, Неготино и Гевгелија.
Скенираат луѓе од сите возрасти, но најмногу оние од 31 до 50 години. До 18 години се 2.596 лица со вкупно над два милиони скенирани сметки. Од 19 до 30 години се 99.749 со повеќе од 156 милиони скенирани сметки. Од 31 до 50 години се 243.202 корисници со над 508 милиони скенирани сметки. Од 51 до 61 година се 93.673 корисници со над 203 милиони скенирани сметки. И над 61 година се 78.278 корисници со повеќе од 150 милиони скенирани сметки.
По нагорна линија се движи и бројот на скенирани фискални сметки на остварен промет. Во 2020 остварениот промет изразен низ фискалните сметки изнесувал 106,5 милијарди денари или 1,7 милијарди евра. Во 2021 прометот бил 148,3 милијарди денари, односно 2,4 милијарди евра. Лани прометот од скенираните фискални сметки е 178,7 милијарди денари или 2,8 милијарди евра. Најмногу од скенираните сметки се издадени од синџирите маркети и од бензиските пумпи.
Системот овозможи секој граѓанин да стане даночен контролор за своите потрошени пари, а за тоа да биде награден преку враќање на дел од данокот, смета министерот за финансии, Фатмир Бесими. На тој начин мерката ја остварува целта за која е воведена – намалување на сивата економија и зголемување на евидентираниот промет преку фискалните системи на опрема. Низ годините се бележи зголемен број корисници и зголемени износи за враќање на дел од данокот, како и зголемени приходи од ДДВ.
Сите показатели произлезени од овие четири години упатуваат дека мерката е добро креирана, добредојдена е и прифатена од сите целни групи и возрасти. За Управата за јавни приходи тоа е дополнителен мотив да продолжи да ја унапредува и усовршува апликацијата и партнерски со граѓаните на лесен и едноставен начин да придонесува кон намалување на нелојалната конкуреција и јакнењето на даночниот морал.