
Првата половина од 2022 година се карактеризира со нарушено економско и политичко опкружување што е резултат на воениот конфликт меѓу Русија и Украина, воведување санкции кон Русија, со нарушени синџири на снабдување, појава на нови мутации на вирусот ковид-19, значителен раст на цената на енергенсите и со зголемена инфлација. Централната банка во услови на зголемена економска неизвесност, започна да ја заострува монетарната политика, притоа преземајќи серија мерки и алатки во насока на постепена стабилизација на економијата. Во вакви влошени услови на економска активност, како и на намалена денарска ликвидност на финансискиот пазар во земјата, каде што има константно зголемување на каматната стапка на благајнички записи, а следствено на тоа и зголемување на референтна каматна стапка, Стопанска банка а.д. Битола дејствуваше во насока на остварување на краткорочните финансиски и долгорочните стратешки цели, применувајќи флексибилен пристап кон промените во домашното и глобалното макроекономско опкружување.
Финансиски перформанси на Банката
Нето-приходите од камати бележат зголемување за 1,54 %, односно 2,24 милиони денари во однос на остварувањето од минатата година. Расходите за камати како резултат на повеќекратните намалувања на пасивните каматни стапки, паралелно со пазарните движења, бележат годишно намалување од 2,76 %. Планот на нето-приходи од камати за вториот квартал од 2022 година е остварен со 86,67 %.
Нето-приходите од провизии и надоместоци се пониски за 3,06 милиони денари, односно 4,26 % во споредба со претходната година. На страната на приходите, растот главно е генериран од провизии од кредитирање и картично работење, додека на страната на расходите, најголема динамика на раст имаат расходите од работење со платежни картички. Остварувањето на планот за вториот квартал од 2022 година во оваа позиција изнесува 84,81 %.
Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 11,42 милиони денари и бележат зголемување од 11,25 % на годишна основа, а планот за вториот кавртал од 2022 година е остварен со 84,60 %.
Останатите приходи од дејноста се пониски за 6,78 милиони денари, во споредба со периодот 1.1.2021 – 30.6.2021 година, кога беа остварени поголеми вонредни приходи. Планот за вториот квартал од тековната година во оваа позиција е реализиран со 89,34 %.
Исправката на вредноста на финансиските средства, на нето-основа изнесува -66,19 милиони денари и е поголема за 415,23 милиони денари во споредба со вториот квартал од минатата година, кога беше ослободена поголема исправка на вредност од наплата на претходно отпишано побарување. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа изнесува -1,34 милиони денари и ги одразува издвоените загуби за оштетување на преземениот имот во согласност со регулативата на НБРСМ.
Трошоците за вработените бележат зголемување од 3,71 % во споредба со претходната година, додека планот за анализираниот период кај оваа позиција е остварен со 95,99 %.
Останатите расходи од дејноста се повисоки за 11,28 %, а реализацијата на планот изнесува 85,60 %.
Амортизацијата е зголемена за 16,84 % на годишна основа, а планот е остварен со 99,35 %. Во услови кога субјектите во економијата се соочуваат со намалена денарска ликвидност, што го отежнува профитабилното работење, а истовремено ги зголемува проблемите при наплатата на кредитите, изразени преку исправката на вредност на проценките за квалитет на кредитното портфолио, финансискиот резултат на Банката е негативен во износ од 41,60 милиони денари.
Промени во сметководствените политики и методи на вреднување
Во периодот 1.1.2022 – 30.6.2022 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.
Дивиденди
Во согласност со Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2021 година на Стопанска банка а.д. Битола, усвоена на седницата на Собранието на акционери одржана на 31.5.2022 година, Банката не исплати дивиденда за 2021 година.
Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30 % од вредноста на средството во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Недвижностите и опремата бележат намалување од 2,56 % во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2021 година.
Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30 % во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи) Обврските по кредити не бележат значајни промени во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2021 година.
Аналитика








