ПОВЕЌЕ

    ЕУ истражува пратки говедско месо од Бразил поради присуство на забранет хормон

    Време зa читање: 2 минути

    Пратки замрзнато говедско месо од Бразил со траги од хормонот естрадиол завршиле на европскиот пазар, а дел од месото веќе било консумирано, покажуваат податоци од националните служби и европскиот систем за брзо предупредување.

    Првичниот аларм го вклучила холандската Агенција за безбедност на храната, која открила присуство на естрадиол во замрзнато говедско месо увезено од Бразил. Станува збор за хормон што се користи во сточарството во некои земји, но е строго забранет во Европската унија поради потенцијални здравствени ризици.

    Според информациите објавени од австрискиот весник Kronen Zeitung, најмалку четири пратки, со вкупна тежина од околу 62 тони, биле идентификувани како спорни. Дел од месото било дистрибуирано во повеќе земји-членки. Во Холандија, околу 5.000 килограми од контаминираното месо биле „претежно консумирани“ пред да биде издадено повлекување.

    Во Ирска, надлежната агенција потврдила влез на околу 128 килограми од спорното месо. До јануари, траги од контаминирана стока биле регистрирани во најмалку десет европски држави, меѓу кои Германија, Италија, Чешка и Шпанија. Две поголеми пратки биле навреме блокирани во Холандија, а повеќе земји покренале постапки за повлекување и дополнителни инспекции.

    Случајот предизвика силни реакции кај европските земјоделци. Пол Немечек од Здружението на земјоделци на Долна Австрија ги критикуваше „двојните стандарди“, наведувајќи дека европските производители се обврзани на строги правила, додека увозот од трети земји не секогаш ги исполнува истите критериуми.

    Сето ова се случува во чувствителен момент, откако во јануари 2026 година беше ратификуван трговскиот договор меѓу ЕУ и земјите од Меркосур – Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај – кој предвидува увоз на до 99.000 тони говедско месо со намалени царини. Еколошки организации и земјоделски здруженија изразија загриженост дека договорот дополнително ќе го зголеми притисокот врз европските стандарди за безбедност на храната.

    Претходни ревизии на ЕУ во 2024 и 2025 година веќе укажале на слабости во бразилскиот систем за следење на употребата на хормони, вклучително и случаи на мешање месо од третирани животни со месо наменето за извоз во ЕУ. Европската комисија започнала истрага, додека дел од земјоделските организации бараат привремена забрана за увоз на говедско месо од Бразил сè додека не се гарантира целосно почитување на европските правила.

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично