Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, оцени дека економската активност во еврозоната треба „да го надмине своето ниво на препандемија“ до крајот на годината.
Заздравувањето на економијата постојано расте, но делта сојот на вирусот може „да го одложи целосното отворање“, им рече Лагард на новинарите.
Европската централна банка ја зголеми прогнозата за раст на БДП во 19 земји од еврозоната за 2021 година во контекст на економското закрепнување по пандемијата и оцени дека растот на цените е се уште привремен.
Монетарната институција предвидува економски раст од пет проценти во 2021 година, наспроти 4,6 проценти како што беше предвидено на последното соопштение во јуни. Банката, исто така, очекува инфлација од 2,2 проценти во 2021 година, наспроти 1,9 проценти предвидена во јуни. Тој раст, според тоа, ќе ја надмине среднорочната цел на институцијата од два проценти инфлација.
Меѓутоа, порастот на цените е „претежно привремен“, рече Лагард, додавајќи дека таа исто така гледа знаци дека порастот на цените може да биде потрајно.
Според банките, инфлацијата треба да забави во 2022 година на 1,7 проценти, а потоа на 1,5 проценти во 2023 година.
Со вакви економски показатели, ЕЦБ одлучи малку да ги ублажи своите мерки за вонредна поддршка на економијата воведени на почетокот на здравствената криза, кои беа поврзани со откуп на долгови.
„Закрепнувањето се заснова на успехот на кампањата за вакцинација во Европа, што овозможи значително повторно отворање на економијата“, рече Лагард.
Експертите на ЕЦБ малку ја намалија, од 4,7 на 4,6 проценти, нивната прогноза за економски раст за 2022 година и ја оставија непроменета на 2,1 проценти за раст за 2023 година.
Скокот на инфлацијата се објаснува со зголемувањето на цените на нафтата и притисокот врз трошоците што произлегуваат од привремениот недостаток на материјали и опрема, рече Лагард, но додаде дека тие недостатоци треба да се надминат во првата половина на 2022 година.