„Гарантирана цена“ е ознаката со која од утре ќе бидат означени стотина прехранбени производи, поевтини за минимум десет проценти. И, кои до крајот на ноември нема да поскапат. Освен тоа, се стеснуваат и можностите за акциска и промотивна продажба. Состојбата на теренот ќе биде под контрола на Државниот пазарен инспекторат, но и на владините претставници, како што најави министерот за економија.
За познавачите на состојбите, со овие мерки не е можно значајно да се растерети домашниот буџет на граѓаните, ниту да се влијае врз нивниот стандард. Пред се, поради тоа што до први август, датум кој е земен како основа за намалување и замрзнување на цените, имаше масовни поскапувања. Само кај млечните производи, како видовите сирење и кашкавал, на пример, корекциите на цените отидоа од 30 до 40 насто. Истото се случи и со месото, но и со другите намирници. Па, десетпроцентното намалување делува некако „тенко“. Освен тоа, кус е и рокот предвиден за опстојување на „гарантираните цени“. Претходното искуство покажа дека штом олабавува притисокот, односно истекува важноста на владините мерки, федерот се откачува и цените експресно го пробиваат плафонот. Без друга основа, освен желбата за профит – секаде низ светот цените се придвижија по надолна линија, само кај нас отидоа во контра-правец.
И, за да почувствуваат ефектите, се сугерира замрзнување на производствените и на големопродажните цени, но под контрола да се стават и маржите на основните прехранбени намирници.
Исто така, не се очекува многу и од забраната на акциската и промотивна продажба во трговијата на мало. „…Нема да има ефекти врз намалувањето на цените. Ќе следи замена на ниските акциски цени со ‘редовните’ високи цени“, напиша во својот ФБ статус, даночниот експерт Павле Гацов.
Проблем е и тоа што примањата ни оддалеку не ги следат движењата на цените. Во август беа потребни речиси 50 илјадарки, според мерењата на ССМ преточени во минималната синдикална кошница. Половина од нив за храна и пијалаци. Оттаму и серијата протести кои досега ги имаше, а гласни се и најавите за нови. Веќе утре во Скопје ќе излезат пензионерите.
И, како што реагираат граѓаните, гарантирани цени, да, но тоа не е доволно за кревање на стандардот. Велат, во тој поглед се обезбедени само функционерите.