ПОВЕЌЕ

    Алкалоид го објави бизнис планот за 2022 година- oчекува зголемен приход од 224 милиони евра и 70 нови вработувања

    Време зa читање: 7 минути

    АЛКАЛОИД AД Скопје е компанија која повеќе од осум децении работи на производство на лекови, преработка на билни суровини и на производство на козметички и на хемиски производи. АЛКАЛОИД АД е акционерско друштво, во чии рамки работат два профитни центри: Фармација и Хемија, козметика и билкарство. Има две подружници во земјава, како и 18 подружници и 2 претставништва во странство (во Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, во Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, во Турција, Украина, Руската Федерација, САД и во Велика Британија). Компанијата брои 1.930 вработени во земјава и 580 вработени во подружниците и во претставништвата надвор од Северна Македонија

    Аспирации и вредности

    АЛКАЛОИД АД Скопје, при извршувањето на своите деловни операции, се потпира на највисоките етички норми и стандарди. Уверени сме дека етичкото водење бизнис е предуслов за постојан личен и деловен успех. Нашата цел е обезбедување постојаност и подобрување на бизнис-перформансите преку одржување, односно преку зајакнување на позициите на актуелните пазари и преку разумно проширување на нови пазари.

    Визија

    Нашата ВИЗИЈА е АЛКАЛОИД, како глобално ориентирана компанија, да се стреми кон постигнување високи цели и дострели, кои ќе овозможат изразена конкурентност и пазарна позиција. Постојано сме отворени за градење нови пазари и нови партнерства, а произведуваме и пласираме производи со највисок квалитет, применувајќи најсовремени технологии и деловни стандарди.

    Мисија

    Нашата МИСИЈА е постојано да тежнееме кон поздрав свет, кон супериорен квалитет на производите и на услугите, како и кон висока професионалност и кон континуиран успех.

    Императив

    Наш императив е заштитата на интересите на вработените, потрошувачите, на акционерите, деловните партнери, како и на сите вклучени страни, а основната определба е ЗДРАВЈЕТО ПРЕД СÈ.

    Бизнис план за 2022

    Приходи од продажби Бизнис-планот за 2022 година предвидува консолидирани продажби од над 224 милиони евра, што претставува раст од 8 % во однос на очекуваните за 2021 година.

    Продажби по сегменти

    Сегментарно, по профитни центри, 87 % од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ Фармација, а 13 % ПЦ Хемија, козметика, билкарство.

     

    Продажби по пазари

    Се очекува 35 % од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 % од извоз

     

     

    Планирани резултати

    Планираниот биланс на успех предвидува раст од 7 % на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA). Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку 7 % во однос на очекуваната за 2021 година.

     

    Инвестиции

    Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении АЛКАЛОИД АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи преку 200 милиони евра.

    Во 2021 година во употреба е пуштен погон за сопствено производство на влажни марамчиња, во вредност од близу 4 милиони евра. Влажните марамчиња Becutan се производ од портфолиото на брендот, за првпат воведени на пазарот во 2006 година, изработени според оригиналната рецептура на фармацевтските експерти од „Алкалоид“. По 15 години нивно производство надвор од земјава, со отворањето на овој капацитет целосниот процес ќе се спроведува во погоните на компанијата на локалитетот „Лафома“ во Ѓорче Петров.

    Исто така, во 2021 година започнаа изградбата и опремувањето на погон за производство на концентрати за раствори за хемодијализа, со потребните магацински простории за суровини и за готови производи. Вкупната вредност на овој проект изнесува 1,4 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција е планирано во првата половина на 2022 година.

    Бизнис-планот за 2022 година предвидува инвестирање на околу 14 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства. Следната година е година која ќе ја одбележи реализацијата на исклучително значајни инвестициски проекти за компанијата.

    АЛКАЛОИД започна со еден од најголемите инвестициски зафати во последниве десет години. Тоа е оформувањето нов производствен погон во Фармација – Производство на цврсти форми. Предвидена е изведба на 2.000 м2 чисти простории, целосно во согласност со највисоките стандарди за фармацевтско производство, со законските регулативи во ЕУ и со GMP-прописите. Планираната вредност на инвестицијата е 4 милиони евра. Во функција на проширување на капацитетите, планирано е и снабдување со нова производствена опрема во вредност од околу 6 милиони евра. Со ова повеќекратно ќе се зголемат прозводствените капацитети и ќе се создаде потенцијал за долгорочен, континуиран раст на продажбите, како и за нови вработувања.

    Во тек е и изградба на нов објект со вкупна површина од 4.000 м2 , кој ќе ги обезбеди неопходните придружни содржини за исполнување на комплетноста на GMP-прописите во растечките производствени капацитети. Централните гардероби ја претставуваат првата алка во синџирот на производствените услови на GMP. Планираната вредност на овој проект е 4 милиони евра.

    Компанијата континуирано ги следи трендовите во енергетиката, а, наедно, заштитата на животната средина е еден од најголемите приоритети во деловната стратегија на АЛКАЛОИД. За таа цел, компанијата ќе продолжи со инвестирање во производство на електрична енергија од обновливи извори за сопствени потреби. АЛКАЛОИД АД веќе има добиено лиценца од Регулаторната комисија за енергетика за производство на електрична енергија за сопствени потреби. За 2022 година планирана е изградба на неколку фотоволтаични централи со вкупна вредност од 200.000 евра.

     

    Истражување и развој

    Истражување и развој во АЛКАЛОИД АД Скопје повеќе децении има реномирана репутација како истакнат сегмент за истражување и за воведување нови производи, технологии, аналитички методи и услуги, кои обезбедуваат раст на богатото портфолио на АЛКАЛОИД, со грижа за заштита на животната средина, како и на здравјето и на безбедноста при работа. Издатоците за истражување и развој низ годините наназад континуирано растат резултирајќи со повисоки стандарди за квалитет кои придонесуваат за зголемување на благосостојбата кај потрошувачите. Бизнис планот во 2022 година предвидува раст од најмалку 6% на издатоците за истражување и развој.

    Вработени

    Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2022 година очекуваме околу 60 нови вработувања во АЛКАЛОИД АД Скопје, како и 10-ина вработувања во друштвата во странство. Продолжуваме со вложувањата во човечки капитал преку издвојување значителни средства за обуки и за други придобивки за вработените, наедно создавајќи предуслови за натамошно зголемување на просечната нето-плата од вработен.

    Акции

    Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во 2021 година се движеше од 13.300,00 до 18.350,00 денари или просечно 15.830,82 денари за една акција. Цената на акцијата на последната трансакција на 27.12.2021 година изнесуваше 18.200,00 денари. Пазарната капитализација на компанијата надмина 26 милијарди денари. Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нето-добивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции. Бизнис-планот на компанијата за 2022 година е донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2021 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично