ПОВЕЌЕ

    Акциите на Комерцијална банка и на „Алкалоид“ и натаму без конкуренција

    Време зa читање: 3 минути

    Берзанските движења и показатели се променливи, но и на тој терен има константи. Во случајот со Македонска берза тоа се акциите на Комерцијална банка и на „Алкалоид“, кои се најтргувани, не само според минатогодишната статистика, туку во подолг временски период.

    Најатрактивната за инвеститорите, акцијата на најголемата македонска банка, лани не забележала големи ценовни осцилации. Минималното ниво било 11.500, максималното 14.700, а просекот – 12.509,55 денари. Инаку, номиналната вредност е илјада денари, а од Комерцијална банка се издадени 2.279.067 акции. Реализиран е вкупен промет од 1.577.264.398 денари, односно 25.615.957 евра преку 4.396 трансакции. Пазарната капитализација на крајот од 2023 година е 32.423.898.768 денари или 527 милиони евра.

    Преку 2.106 трансакции со акциите на нашата најуспешна фармацевтска компанија, направен е вкупен промет од 513.461.944 денари – 8.340.537 евра. Акцијата на „Алкалоид“ е со номинална вредност од 25,56 евра, а издадени се 1.431.353 акции. Низ фазите на тргување лани била постигната максимална цена од 18.500, минимална од 17.199 и просечна цена од 17.781,93 денари. Пазарната капитализација е 25.985.569.606 денари, што е противвредност на 422,4 милиони евра.

    Во позитивните берзански статистики постојано е и акцијата на НЛБ Банка, чија номинална вредност е илјада денари. Емитувани се 854.061 акција. Просечната цена постигната лани е 28.454,25 денари. Максималната била 32.550, а минималната 24.000 денари. Забележани се 1.135 трансакции и вкупен промет од 312.613.557 денари/5.080.574 евра. Износот од 25.228.381.179 денари, односно 410,1 милион евра ја претставува пазарната капитализација.

    По овие три, на листата годишни податоци за тргувањето со акции од котираните друштва на Македонска берза следува скопски „Реплек“ со промет од 234.144.848 денари/3.805.367 евра, остварен низ 133 трансакции. Оваа фармацевтска куќа има издадено 25.920 акции со номинална вредност од 562,42 евра. Во текот на тргувањето цената се движела од минималните 75.000 до максималните 95.000, со што е постигнат просек од 81.947,64 денари. Пазарната капитализација е во износ од 2.410.560.000 денари или 39,18 милиони евра.

    И акциите на „Макпетрол“ секогаш се меѓу најинтересните за инвеститорите. Номиналната вредност им е 511,29 евра. Максималната цена достигната во текот на минатогодишните тргувања е 71.000, минималната 62.600, а просечната – 65.918,33 денари. Преку 650 трансакции направен е вкупен промет од 160.748.104 денари/2.612.204 евра. Пазарна капитализација е 7.234.647.441 денар, односно  117,6 милиони евра, а најголемиот македонски дистрибутер на нафтени деривати има издадено 112.382 акции.

    „Еурохаус“ со промет од над две милијарди денари најдобра брокерска куќа во 2023

    M.A.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично