Вложувањата и трошоците на земјоделците во декември 2024 година во однос на истиот месец во 2023 година се зголемиле за 2,4 насто, а истовремено цените на откупеното или продадено земјоделско производство се зголемиле дури за 20,3 насто, покажуваат податоците од Државниoт завод за статистика.
Разликата меѓу цените што влегуваат и оние што излегуваат од земјоделскиот сектор е огромна и оваа појава трае веќе подолг период, покажува пребарувањето на порталот Пари низ податоците од Државниот завод за статистика. Така, во ноември трошоците пораснале за 0,1 насто, а цените на годишно ниво за 18 насто, во октомври трошоците се намалиле за 1,1 насто, а цените се зголемиле за 14 насто, во септември имало намалување на трошоците за 4,9 насто, а зголемување на цените за 13,1 насто.
Но, ако се вратиме наназад кога тргна големиот инфлаторен глобален бран, земјоделците имаа огромен раст на трошоците, што веднаш не го преточија на толку високо ниво во цените. Така, во јануари 2022 година влезните трошоци во земјоделието се зголемиле за 14,9 насто, а цените за само 4,4 насто. Потоа, во февруари уште повеќе се зголемија влезните трошоци на годишно ниво – за 16,2 насто, а излезните цени се зголемија за 8 насто. Во март трошоците се зголемија за 24,1 насто, а цените за 9,3 насто.
Пресвртот, кога влезните трошоци станаа помали од излезните цени, се случи во јануари 2023 година. Тогаш тие се зголемени за 10,8 насто, а кај излезните цени од земјоделскиот сектор има зголемување од 14,3 насто. Ваквиот тренд се задржува и понатаму.
ЗЕЛЕНЧУКОТ СО ГОДИШЕН РАСТ НА ЦЕНАТА ОД 64 НАСТО
Податоците од декември покажуваат огромен годишен раст на цените на речиси сите земјоделски производи. Единствено, намалување на цените од страна на земјоделците за 7,5 насто има кај житата и оризот.
Растот на цените кај растителното производство е 23,3 насто, при што најмногу се зголемиле откупните цени на зеленчукот, за дури 64 насто. Потоа е растот на цените на индустриските растенија за 15,3 насто, на вината за 15,1 насто, на компирот за 6,1 насто, на добиточните растенија за 6 насто, и на овошјето и грозјето за 5,3 насто.
Растот на цените кај добиточното производство е 11,9 насто.
Промена на цените во декември 2024 во однос на декември 2023 година
ПОСКАПЕЛЕ ЗАШТИТНИТЕ СРЕДСТВА, ПОЕВТИНИЛО СЕМЕТО
Во однос на влезните трошоци кај земјоделците зголемувања има, но не вакви. Трошоците во земјоделството ги опфаќаат средствата, услугите и инвестициите што земјоделските производители тековно ги вложиле за непречено одвивање на земјоделското производство. Така, статистичарите анализираат тековно потрошени средства за да се реализира земјоделското производство и тука има раст од 2,2 насто во декември лани во однос на декември преклани. За волја на вистината, декември не е месец во кој се сади, но споредбите покажуваат што се случувало во изминатата сезона во однос на претходната, а ги навестуваат идните движења на цените.
За да се произведе нешто од нива, пораст на трошоци имало кај средствата за заштита на растенија за 1,6 насто, како и кај енергија, горива и мазива за 1,2 насто. Но, за една година имало намалување на цената на семињата за 7,7 насто, а намалување за 7,8 насто имало и кај минералните ѓубрива.
Статистичарите евидентирале значителен скок кај ветеринарните услуги, за дури 18,3 насто. Раст имало и кај добиточна храна за 5,1 насто.
Раст на цените во декември 2024 во однос на декември 2023 година
Намалување на цените во декември 2024 во однос на декември 2023 година
Ако земјоделците се одлучеле за инвестиции, тие за една година имаат за 4,8 насто поголеми трошоци. И тоа: машината и опремата ќе ги чини 6,7 насто повеќе, транспортната опрема 8,3 насто, а градење објекти дополнителни 1,3 насто.
ШТО ВЕЛАТ ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ?
Пари разговараше со земјоделци од различни сектори. Заеднички став им е дека без вакви и повисоки цени, земјоделието во Македонија ќе исчезне. Бројот на земјоделци веќе значително е намален. Ако во 2014 година имало околу 90.000 регистрирани земјоделци, сега се околу 60.000. Се намалува и земјиштето што се обработува, се намалува и добиточното стадо.
Земјоделците од градинарскиот сектор не очекуваат враќање на ниските цени од порано. Доматите и пиперот веќе ги нема на нивите како некогаш, тие потешко се обработуваат, бараат повеќе работа. Работната рака под наем, пак, станува сѐ поскапа, а и ја нема. Државниот завод за статистика не го пресметува посебно трошокот за наемни работници, како што може да се види од табелите.
Дел од земјоделците тврдат дека им се случува производната цена да им биде и поголема од продажната. Тие, исто така, велат дека земјоделството во Македонија долги години било потценувано и уценувано, имало многу ниски цени, па затоа сега, кога се споредува, цените покажуваат голем скок. Тие, исто така, потенцираат дека нашето земјоделство е на ниско развојно ниво во однос на механизацијата којашто се употребува, во однос на инвестиции во објекти и дигитализација, а за тоа се потребни пари коишто мора да се заработат од продадените земјоделски производи.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска