ПОВЕЌЕ

    ЗОШТО МАКСТИЛ 2021-ва ја прогласи за една од најуспешните години од основањето на компанијата?!

    Време зa читање: 4 минути

    Позитивниот тренд на опоравување на глобалната челична индустрија на Макстил лани и ја донесе најуспешната година од основањето на компанијата.

    „Зголемувањето на глобалната побарувачка на челик, а со тоа и зголемувањето на производниот аутпут во текот на минатата година, беше неутрaлизирано намалувањето предизвикано од пандемијата во текот на почетниот период. Исклучително високиот готовински тек генериран во 2021 на многу производители на челик им овозможи отплата на долговите и понатамошно  со консолидацијата, подобрување на деловните операции преку нови инвестиции, кои ќе им обезбедат понатамошен стратешки раст, подобрувајќи ја нивната позиција за евентуални идни циклични движења, карактеристични за овој тип на индустрија”, велат од Макстил во Годишниот извештај за работењето на Макстил во 2021, објавен на Македонска берза.

    Сепак, од компанијата нагласуваат дека предизвиците остануваат и понатаму, воглавно поради нарушувањето на глобалниот ланец на набавка, поради недостатокот на одредени суровини, острите ценовни скокови на енергенсите, растечките цени на  транспортот, како и неизвесноста предизвикана од зголемениот геополитички ризик, започнувањето и ескалацијата на руско-украинскиот конфликт, кој предизвика силен раст и голема променливост на цените на примарните енергетски производи.

    Најголем приоритет на Макстил покрај исполнувањето на производните и финансиските резултати, е и одржување на највисоко ниво на здравје и безбедност на сите вработени во Макстил. Во 2021, бројот на повреди при работа споредено со претходната година бележи благо зголемување, но започнатиот тренд на намалување на повредите, како што посочуваат од компанијата ги охрабрува и едновремено  мотивира и обврзува да продолжат кон зацртаната цел „нула повреди“.

    Во однос на резултатите од работењето, изминатава година Макстил ја завршил со одлични финансиски и оперативни резултати и покрај зголемените трошоци за работа и нарушувања на синџирот на снабдување. Оствареното производство на слабови во 2021-та достигнало 314.508 тони, а производство на лимови 273.983 тони. Вкупната испорака на топловалани дебели лимови кон купувачите изнесува 278.193 тони.

    Приходите лани изнесувале 7,28 милијарди денари од кои приходите од продажба учествуваат со 97,1%. Во однос на 2020 кога остварените приходи изнесувале 4,03 милијарди денари, остварен е поголем износ за 80,4 проценти.Расходите во 2021-ва изнесувале 5,92 милијарди денари, додека во 2020  биле 3,59 милијарди денари.

    Добивката пред оданочување за минатата година достигнала 945 милиони
    денари (15,4 милиони евра), додека нето добивката изнесува 849 милиони денари (13,8 милиони евра).

    „Зголемувањето на добивката воглавно се должи на порастот на цените на нашиот готов производ, како и на зголемениот обем на производство на слабови и зголемениот обем на продажба на топловаланите дебели лимови. И во текот на годината реализирани се инвестициони активности со посебен фокус на подобрувањето на целокупната безбедност при работењето, подобрување на процесните линии како и подобрување на енергетската ефикасност и економичност на работењето. Износот на инвестиционите вложувања за 2021 достигна 175,4 милиони денари”, истакнуваат од челичната компанија.

    Нето добивката во износ од 849.387.190,00 денари остварена во деловната 2021 година сепак ќе се распоредува за покривање на загуби од работењето на Друштвото од претходните години.

    Во текот на минатата година, на полето на општествената одговорност се остварени поголем број на проекти. Компанијата како активен поддржувач на концептот на циркуларната економија во 2021 е вклучена во комплексниот истражувачки и иновативен проект, „Cinderela“ базиран на можностите за намалување на урбаниот индустриски отпад, и употреба на секундарните суровини во различни индустрии.

    „Во периодот кој ни претстои очекуваме продолжување на позитивниот тренд на раст на побарувачката на челичните производи, но сепак продолжуваме претпазливо бидејќи очекувањата за стабилен раст се нарушени како последица на конфликтот во Украина и растечкото ниво на инфлација”, се вели во извештајот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично