Дали ви се случило да купите некој производ или услуга кој не ви е навистина потребен или не можете да си го дозволите?
Голема е веројатноста дека дел од луѓето би одговориле позитивно на ова прашање. Интересно е тоа што дел од потрошувачите можеби и не знаат зошто ја донеле одлуката да купат производ кој што не го сакаат. Една од причините поради кои би купувале нешто што не ви е потребно или не можете да си го дозволите може да се објасни со фразата „да се биде во чекор со Џонасис“.
Фразата „да се биде во чекор со Џонасис“ (Keeping up with the Joneses) потекнува од стрип кој се објавувал во првата половина на минатиот век во САД. Во рамките на овој стрип се прикажува фамилија која сака да биде во чекор со животниот стил на своите комшии. Со други зборови, фамилијата се труди да ужива во истиот живот стил како животниот стил кој го имаат комшиите.
Да се биде во чекор со Џонасис го објаснува феноменот на донесување на одлука да се купи нешто што не е потребно или нешто што е прескапо за приходите кои ги имате на располагање. Имено, според оваа фраза луѓето се трудат да го одржуваат животниот стил на своите пријатели и комшии. Луѓето се трудот да ги поседуваат исти или слични предмети кои ги купуваат луѓето во нивното опкружување. Целта на ваквото однесување е да се покаже дека имаат исто ниво на приходи. Односно желбата за одржување на чекор со окружувањето е за да се избегне можноста дека опкружувањето ќе ве доживее како помалку вредни. Логиката позади фразата е дека доколку се поседуваат истите работи би имале еднаков општествен статус.
Дали може да посочите производ или услуга кои сте ги купиле, а ви биле прескапи или не ви биле потребни (на пример: мобилен телефон, компјутер, аранжман за летување, автомобил)?
Доколку се носат одлуки во согласност со оваа фраза, тоа би значело дека вие би купиле производ кој го поседува некој од вашето опкружување. Постои можност да купите и поскап производ мислејќи дека на тој начин би биле вреднувани повеќе од страна на луѓето околу вас. Постојат два ефекта кои произлегуваат од желбата да бидеме во чекор со нашето опкружување. Првиот ефект е дека би се нашле во ситуација да поседувате производи кои воопшто не ви се потребни. Вториот ефект може да има негативно влијание врз вашите финансии. Имено, вториот ефект би бил дека би се нашле во ситуација во која би се соочиле со финансиски проблеми, доколку купувате производи кои се прескапи за вашите примања.
Не треба да се изостави и можноста за компаниите успешно да ги продаваат своите производи и услуги благодарејќи на однесувањето согласно оваа фраза. Имено, доколку потрошувачите носат одлуки само за да бидат во чекор со другите, тогаш доволно е компаниите да најдат начин да се чувствувате инфериорно доколку не поседувате предмет кој го има некој ваш пријател. Да не заборавиме дека 21 век има своја фраза која наметнува вакво однесување. Денешната верзија на изреката „да се биде во чекор со Џонасис“ е „да се биде во чекор со Кардашијанс“ (што е доста жално).
Дали ги донесувате вашите одлуки за купување за да покажете дека имате ист животен стил како вашите пријатели и комшии?
Автор: Вон.Проф. д-р Зоран Темелков
Повеќе текстови од авторот, [ тука ]