ЗК „Пелагонија“ ќе оди под стечај, поради неликвидност и неможност да ги намирува обврските. Долговите се поголеми од имотот, а побарувања нема. Предлогот од штипската градежна фирма „Бетон“, поттикнат од побарувањето што го има од комбинатот, од над 233 илјади евра, е доставен минатата недела, на 14 ноември, до Основниот суд Битола. Постапката е поведена, а случајот и е доверен на судијата Татјана Митревска.
Основниот долг што комбинатот го има кон „Бетон“ изнесува 230,5 илајди евра, а 2.700 евро не се платени на извршителот, ангажиран поради пробивање на договорениот рок. Договорот е со датум од октомври 2022 година.
Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ е во лоша финансиска состојба веќе подолго време, односно цели четири месеци не може да ги исплати своите обврски и е со блокирана сметка. Со оглед дека комбинатот неспорно е неликвиден, неспособен за плаќање, односно не е во состојба да ги измирува доспеаните обврски и е со блокирана сметка повеќе од 45 дена, сосема е очекувано дека над него ќе биде отворена стечајна постапка во најскоро време, посочуваат од градежната фирма.
Деветте месеци од годинава ЗК „Пелагонија“ ги заврши со приходи намалени за 27 отсто и износ од 952.201 илјада денари. Приходите од продажба се 793.708 илјади денари и имаат пад од 28 проценти. Притоа, запишана е загуба од 54.775 илјади денари или над 890 илјади евра.