ПОВЕЌЕ

    ЗК „Пелагонија“ ги намали трошоците и ги зголеми приходите

    Време зa читање: 2 минути

    Позитивни движења во работењето бележи Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ АД Битола. По сведувањето на резултатите се доаѓа до добивка, која пред оданочување е во износ од 27.152 илјади денари, или 442 илјади евра.

    Од прикажаното во неревидираниот финансиски извештај за периодот од почетокот на годината и заклучно со последниот ден на јуни, Комбинатот остварил оперативни приходи поголеми за два проценти во однос на истиот период од 2022. Се работи за конкретен износ од 384.926 илјади денари (6,2 милиони евра). Најголем е придонесот од продажбата, со обезбеден прилив од 314.023 илјади денари/5,1 милион евра. Тоа претставува десетпроцентно зголемување, или во апсолутен износ за 27.638 илјади денари (450 илјади евра).

    На расходната страна состојбата е оптимистичка, со намалување на трошоците за 15 проценти во однос на споредбениот период. Притоа, достигнато е ниво од 522.346 илјади денари (8,5 милиони евра).

    Комбинатот во првото полугодие има и финансиски приходи од 30.133 илјади денари/491 илјада евра, а финансиските расходи изнесуваат 3.749 илјади денари/61 илјада евра.

    Комбинатот е акционерско друштво од 1997 година, минуваше и низ проблематични периоди, но и покрај се, се вбројува меѓу водечките во земјоделието со прозводство на пченица, сончоглед, пченка… Во дејностите се и сточарството, рибарството, градинарството и овоштарство.

    Со ЗК „Пелагонија“, според податоците од Берзата, раководи Одбор на директори: Весна Белешовска-Бунтеска – извршен член и извршен директор, заедно со неизвршните членови Цветан Панделевски, кој е претседател на ОД, Александар Георгиев, Анета Ѓоргиев и Селаудин Арифи. Името на последниот често се споменува во последно време. Како сват на Али Ахмети, успешен во трговијата и во градежништвото, до неодамна акционер на тетовски „Жито Полог“, а од неодамна нов сопственик на кичевскиот „Жито Караорман“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично