По неколку месеци релативна ценовна стабилност, инфлацијата во Македонија повторно забрзува. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во мај 2025 година годишната инфлација изнесува 3,3 проценти, што е значително зголемување во однос на април, кога беше на ниво од 2,6 проценти.
Најголемиот удар врз џебот на граѓаните го задаваат ресторани и хотели, каде цените се зголемени за 7,8 проценти во однос на истиот месец лани. Веднаш зад нив е категоријата храна и безалкохолни пијалаци, која бележи годишен раст од 4,1 проценти.
Во месечна споредба, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во мај, споредено со април, изнесува 1,5 проценти. Ова е највисока месечна стапка за оваа година.
Од друга страна, цените во транспортот се намалени за 3,6 проценти, што е единствената ставка со поголем пад. Цените за комуникации се снижени за 0,1 процент, а трошоците за образование остануваат непроменети.
Кога се следи индексот на цените на мало, тој во мај 2025 година е повисок за 1,6 проценти во однос на мај 2024 година. Посебно загрижувачко е зголемувањето на цените кај земјоделските производи за 7,6 проценти, а следуваат прехранбените производи со раст од 5,3 проценти, и индустриско-прехранбените со 4,5 проценти.
Индексот на цените на мало во мај во споредба со април достигна 100,2, што укажува на постепен раст во повеќето категории производи.
К.М