Во декември лани просекот на месечните примања го достигнал нивото од 34.364 денари, односно 557 евра. Последниот статистички податок упатува на тоа дека платите растат, или дека, сепак, нешто се движи. За една година зголемувањето е за 14,8 насто, конкретно за 4.421 денар.
Според статистиката, просекот го креваат зголемените нето-плати во преработувачката индустрија, во дејноста уметност, забава и рекреација, кај административните и помошни услужни дејности, во транспорт и складирање, активностите кај активностите поврзани со недвижен имот.
Сепак, прашање е колку платите можат да бидат конкурентни во трката со цените.
За властите ова е извонреден успех, од аспект на тоа, како што велат, не само што го одржале зборот, туку и цела година порано го реализирале ветувањето дадено во изборната кампања 2020. И тоа, „во услови на голема глобална криза“, кога и цените излегоа од контрола.
ПОТРОШУВАЧКАТА КОШНИЧКА ВО МАКЕДОНИЈА И ВО РЕГИОНОТ
Од другата страна на вагата е животниот стандард, изразен преку синдикалната минимална кошница. Во декември нејзината вредност изнесувала 51.235 денари (831 евро). Тоа е истиот месец кога просекот на примањата дојде и го надмина прагот од 500 евра. Оттука, лесно е да се пресмета дека просечниот македонски граѓанин е во кусок од 331 евро.
Како што покажуваат синдикалните пресметки, само за храна и пијалаци (кои во кошничката имаат најголем удел – 44,54 отсто) биле потребни повеќе од 19 илјади, за домување 13.093, за хигиена нешто над три илјадарки, за превоз 3.668, за облека и обувки 2.255, за култура над илјадарка и најмалку за одржување на здравјето – 801 денар. Кон тоа се додаваат и трошоците на животот кои се мерат со растот на инфлацијата и биле нешто над осум илјади денари. Конечно, се доаѓа до тоталот од над 51 илјада денари.
Кога, пак, се споредуваме со земјите од регионот, за утеха може да се земат податоците од Босна и Херцеговина, каде што декемвриската просечна плата била 608, а кошницата 1.529 евра. Состојбата е сосема поинаква во Црна Гора. Декемврискиот просек на примања бил 900, а потребите од потрочувачката кошница евра – 800 евра. Како што пишуваат тамошните медиуми, цените лани, а во однос на 2021 година пораснале за 13 насто, додека реалните плати за 18,4 проценти.
Што се однесува до Косово, таму просечните примања во бруто износ се 484 евра, а во Албанија околу 650 евра. Последните објавени податоци за српската просечна плата се за ноември – 667 евра, а за кошничката од септември, кога изнесувала 765 евра. Хрватската, пак просечна плата во декември била 1.045, а словенечката 1.400 евра.