„Мисијата на ’Алкалоид’ е како компанија да се диференцира преку знаење и преку развој на производи со додадена вредност, користејќи високи етички стандарди во нашите секојдневни активности, како и кредибилитет и професионален пристап во нашето општо работење. И во вакви времиња на предизвици ќе останеме посветени на најважното нешто во животот – здравјето пред сѐ!“, вели генералниот директор и претседател на Управниот одбор на реномраната македонска фармацевтска компанија, Живко Мукаетов за романскиот Бизнис магазин, во тексот насловен „Нова мултинационална компанија влегува во Романија на еден од најконкурентните пазари. Од каде потекнува компанијата со речиси деветдецениска историја и какви планови има за локалниот пазар?“.
Во романскиот магазин за „Алкалоид“ пишува дека е македонскиот производител на лекови, кој во последните пет години бележи просечна стапка на раст од над 12 проценти, отвори капитално поврзано друштво во Романија за зајакнување на својата позиција на локално ниво.
„Заради одржување на темпото на раст, компанијата, која е присутна речиси во 50 земји, цели кон глобална експанзија. Во канцелариите во Скопје пазарот во Романија се смета за стратешки, а локалното работење во првата година достигна пораст на продажбата од 66 проценти. ‘Алкалоид’ пласира околу 20 производи на романскиот пазар, од речиси 250 производи од портфолиото на фармацевтската компанија“, пишува магазинот.
За плановите и експанзијата на романскиот пазар, Мукаетов вели дека целта е зголемување на тимот, на портфолиото на производи и на популарноста на брендот на производителот.
„Постојаниот деловен успех и одржливиот развој на ‘Алкалоид’, главно, се резултат на квалитетот на нашите производи, вработените во компанијата, брендот ‘Алкалоид’ и на индивидуалните брендови развивани со децении од генерации посветени вработени.
Константа во долгогодишната историја на ‘Алкалоид’ се инвестициите. Во последните петнаесет години компанијата издвои речиси 220 милиони евра насочени кон изградба на нови фармацевтски единици, зголемување на капацитетите за истражување и развој, инсталирање најсовремена опрема, лаборатории, технологии, софтвер и добро обучен кадар“, потенцира Мукаетов.
Повеќе од 70 отсто од своето производство компанијата го пласира во речиси 50 земји во светот, посочува Мукаетов и додава дека глобалните трендови во фармацевтската, хемиската, билната и во козметичката индустрија се применети во нивното секојдневно работење, проследено со истрајното придржување до најстрогите стандарди за добра производствена пракса, што наоѓа на подврда и од страната на реномирани авторитети.
„Во една динамична индустрија каква што е фармацевтската, пласманите, вообичаено, одговараат на инвестициите, вештините и на знаењето, кои во последните две децении строго ги насочивме кон глобално позиционирање на брендот ’Алкалоид’. Важна стратешка гледна точка во нашата глобална мапа е Романија. На овој пазар, откако бевме присутни во последните години, во 2022 година регистриравме сопствена компанија во Букурешт“, вели Живко Мукаетов.
На пазарот во Романија „Алкалоид“ е застапен со портфолио од повеќе фармацевтски производи и од производи за хемодијализа.
„Наш врвен фармацевтски производ на овој пазар е антибиотикот ‘Цефиксим’ (македонски ‘Панцеф’), регистриран со заштитниот знак Xifia во Романија, кој е меѓу петте најдобри брендови на антибиотици на романскиот пазар. Секој производ, секој бренд и секоја одлука на ’Алкалоид’, главно, се резултат на залагањата на луѓето, пред сѐ. Нашата цел е да изградиме компанија од задоволни луѓе кои го вложуваат својот потенцијал во нашиот заеднички успех, бидејќи имиџот, вредностите, кредибилитетот и организациската култура на компанијата се рефлектираат преку нејзините луѓе“, нагласува генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.