Прво ја одработивме домашната задача, се позициониравме во регионот, а сега сме присутни на педесетина светски пазари. Ова е патот по кој се развива „Алкалоид“, за што говореше меѓу другото, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на најзначајната македонска фармацевтска компанија, Живко Мукаетов во интервјуто за Al Jazeera Balkans.
„Природен е патот да се оди преку домашниот пазар на регионалниот пазар, а потоа да се развиваме уште пошироко. Тргнувам од нас. Ако нам, не знам, пред петнаесеттина години речиси најголем дел од продажбите ни беа реализирани на домашниот пазар и во регионот, сега сме веќе влезени во една друга фаза, каде што веќе сме присутни на педесеттина пазари во светот. Но, пред тоа моравме да си ја одработиме домашната задача и да се позиционираме прво во регионот, затоа што конкуренцијата и во регионот е огромна“, вели Мукаетов, истовремено посочувајќи дека без тоа не може да се очекува позиционирање во пошироки рамки. Притоа, смета – регионот на Западен Балкан е одличен тест, односно компаниите можат фазно да се развиваат за да станат глобални.
Регионалната соработка е од големо значење, но потребно е знаењето акумулирано во компаниите да се разменува, да се бараат форми на синергии, на соработки, што ќе доведе до поголема конкурентност и до продуцирање повисок квалитет, вели Мукаетов. Притоа, нагласува дека бизнисот во регионот треба да е погласен, затоа што политиката е над она што го прави деловната заедница. Таква е состојбата и во Македонија, каде што општеството е политизирано и поделено на табори, а сите сме заглавени во бирократските лавиринти. Па, наместо бизнис заедницата да добива ветер во грб за да може да се развиваат ги развиваме луѓето и компаниите, со што ќе успеат да се глобализирааат, времето се губи на справување со сопките кои ги има во сите сфери.
„Би ја земал Словенија за споредба. Една земја којашто излезе од онаа екс Југославија, таму веќе можете да видите еден сосема друг сооднос на сили, каде што, дефинитивно, бизнис-заедницата диктира и затоа таа држава се развива, оди напред со едно темпо кое за сите нас останати, за жал, веќе е толку далеку да може да го фатиме“, посочува Мукаетов во интервјуто за Al Jazeera Balkans.
Целото интервју може да се види ТУКА