Генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, со 500 нови акции го зголеми сопственичкиот удел во фармацевтската компанија. Во моментот поседува 9,15 проценти од почетниот капитал.
За промената на сопственоста на член на Управниот одбор и лица со посебни одговорности и овластувања, од „Алкалоид“ известија преку Македонска берза:
„Известуваме дека Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор и генерален директор на Алкалоид АД Скопје, се стекна со 500 обични акции издадени од Алкалоид АД Скопје, со што поседува вкупно 131.000 или 9,15% од вкупниот број акции“.
Ова е втор силен сигнал до инвеститорската јавност што доаѓа од Автокоманда. Минатиот месец, предводникот на најголемата и најуспешна фармацевтска куќа се стекна со 469 акции. Тогаш акции купија сите членови на Управниот одбор.
Акцијата на „Алкалоид“ е меѓу најатрактивните на берзата. Нејзината моментална вредност е 26.606,39 денари.