ПОВЕЌЕ

    „Жито Караорман“ направи загуба од 3,2 милиони евра па го смени директорот

    Време зa читање: 2 минути

    Со кичевски „Жито Караорман“ ќе раководи старо-нов состав на Одборот на директори, откако за претходниот се донесе одлука со која не се одобрува неговата работа. Акционерското собрание ги избра Зоран Паневски, Селаудин Арифи и Арбиан Бајрами.

    Всушност, разрешен е само Слободан Јовески. Другите двајца – Бајрами и Паневски си ги задржале позициите, а последниов како извршен член станува и генерален директор.

    Во одлуката, пак, за одобрување на работата на Одборот на директори се вели:

    „Не се одобрува работата и водењето на работењето на Друштвото од страна на членовите на Одборот на директори на МПИ Жито Караорман АД Кичево за деловната 2023 година“.

    За една година оперативната добивка на мелничко-пекарската фирма паднала за 200,05 отсто, а загубата е во износ од 197.689.000 денари, односно 3,2 милиони евра. За споредба, во 2022 се работело за плус 11.539.000 денари (187,4 илјди евра), а во 2021 за 12.237.000 денари (190,7 илјади евра).

    Што се однесува до чистата добивка, сумите се ниски, но барем имало некаков ќар од работата, во 2022 – 397.000 денари (околу 6.500 евра), а во 2021 –               252.000 денари (нешто над 4.000 евра).

    Од лани „Жито Караорман“ целосно е во сопственост на Селаудин Арифи, кој често се споменуваше во јавноста како човек со широк спектар на бизниси, чии фирми секогаш се најдобри понудувачи и редовно ги добиваа тендерите не само од Општина Кичево. Исто така, познат е по блиските релации со до скоро владејачката ДУИ, односно по сватовската линија што го поврзува со Али Ахмети.

    Во кичевската мелничко-пекарска индустрија беше малцински акционер до јули минатата година, кога купи 5.600 обични или 50,67 отсто од акциите со право на глас. Набргу потоа ја даде и намерата за преземање, а некој месец подоцна компанијата конечно премина во негова сопственост.

    „Жито Караорман“ важи за една од подобрите фирми во својата дејност. Располага со најсовремени машини за производство на брашно, леб и бели печива. Лани беше направена комплетна реконструкција на ферментационата комора, при што очекувањата беа дека работата ќе тргне во правец на подобар квалитет, поголеми приходи и добивка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично