ПОВЕЌЕ

    ЖИТЕЛИТЕ НА ЉУБОЈНО НАЈАВУВААТ КРИВИЧНИ ЗА ИСЕЧЕНАТА ШУМА, тврдат дека веќе им е уништен водоводот, на терен продолжува сеча на шумата

    Време зa читање: 3 минути

    Расте револтот на месното население и сопствениците на куќи во преспанското село Љубојно поради она што тие го нарекуваат пустошење на шумата над селото од страна на концесионер на ЈП Национални Шуми. Тие реагираат на голата сеча на дабовата шума, која, според претставници на јавното претпријатие е планирано да биде комплетно исечена во наредниве две години, во рамките на планираната сеча на два до три илјади кубика дрво во наредните две години.

    Откако вчера организираа предупредувачка блокада за камионите на концесионерот, Диба Трејд од Косел, на приодниот пат кон теренот каде што се сече дабовата шума, Љубојничани и утринава се собрале на блокада. Биле поставени бариери со песок, но интервенирала полицијата по што било овозможено непречено поминување на возилата, информираат од селото.

    Револтот дополнително бил предизвикан од информациите дека е оштетен селскиот водовод, кој им е единствен извор за водоснабдување. До нашата редакција тие испратија и видео записи на кои се гледа неконтролирано истекување на вода на трасата каде поминуваат камионите. Тие се плашат дека веќе е дојдено до контаминација на водата од водоводот.

    Месното население на Љубојно реагира дека никој не ги известил зошто се сече шумата, ниту дали тоа се врши плански и според законските процедури и најавуваат поднесување кривична пријава за оние кои одлучиле да се спроведува таква драстична сеча на штета на селото и на селаните.

    Загрижените жители веќе испратија писмо до „Македонски шуми“, градоначалникот на Ресен, Министерството за земјоделство, Државниот инспекторат за шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина. Во дописот тие апелираат да запре сечата на шумата поради, како што се наведува, големите еколошки штети што ѝ се нанесуваат на околината и опасноста од поплави и загрозувањето на селскиот водовод.

    Од локалната подружница на ЈП Национални шуми во Ресен, за ПАРИ потврдија дека се работи на гола сеча на дабова шума на тој терен, но тврдат дека се што се прави на тој потег е по закон и во склад со сите плански документи, одобрени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и од шумарските инженери, кои биле најстручни да кажат каде и како да се сече.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично