ПОВЕЌЕ

    ЖИТЕЛИТЕ НА ЉУБОЈНО 28 ДЕНА НА БОКАДИ: Бараат камионите на шумското и пилите да си заминат од нивниот крај

    Време зa читање: 3 минути

    Измина и 28-от ден протести против сечењето на шумата над преспанското село Љубојно. Жителите на ова место, како и сопствениците на викенд-куќите и симпатизери од други краишта на државата и на празникот, Денот на независноста, се собраа да го искажат својот револт од одлуката на јавното претпријатие Национални Шуми да дозволи гола сеча на дабовата шума во непосредна близина на селото на својот концесионер, фирмата “ДИБА Трејд“ од охридското село Косел.

    Жителите на преспанско Љубојно со секојдневните простести кои почнаа уште на почетокот на август, успеаја, барем засега, да ја запрат сечата на шумата која се одвиваше над селото во близина на црквите „Св. Атанас“ и „Св. Петар и Павле“. Велат дека откако почнаа да протестираат, веќе ги нема камионите кои биле вклучени во сечата, а повлечени биле и тракторите сосе сечачите и нивната опрема. Се сомневаат дека причина за тоа се скорешните локални избори.

    Додаваат – остануваме на блокадите се додека не добиеме официјално ветување од надлежните институции дека сечата ќе запре и нема одново да се активира. Жителите облечени во маици „Сите го сакаме Љубојно“, секој ден излегуваат на протести од 9.30 до 11 часот.

    Откако пред еден месец кај нивното село се појавија камиони и работници со моторни пили за да ја исечат целокупната шума што се наоѓа над ова планинско село, надлежните од ресенската подружница на ЈП Национални Шуми – Преспа Дрво од Ресен тврдеа дека се работи според десетгодишни планови за сеча, одобрени од стручни лица и дека се се работи според закон. Но, мештаните стравуваат дека сечата на дабовата шума ќе донесе еколошка катастрофа, нарушувајќи го водоводниот систем, со суши и порои, а дополнително што за три години ќе снема над 30 илјади метри кубни дрва. Бараат надлежните да го ревидираат планот за сечата и да се откажат од уништувањето на планината.

    Само во текот на изминатиов месец, откако е почната голата сеча на шумата над Љубојно, селото доживеа поплава од пороен дожд, а жителите стравуваат дека ваквите, но и покатастрофални поплави ќе станат честа слика во нивниот крај, откако ќе ја снема шумата, која до сега го заштитуваше селото од порои.

    „Почнавме – не застануваме. Што се случува? Езероно е во изумирање, реки без вода, запуштени овоштарници, отпад на сите страни…уште сечава ако ја дозволиме, нема ништо да ни остане. Ова е наш симбол на непокор и нема да попуштиме. Ако треба жив штит ќе ставиме тука – камиони нема повеќе, гранчe не дозволуваме да се исече“, се обрати од денешната блокада Александар Лембовски, еден од жителите на Љубојно.

    Иако изминаа повеќе од три недели откако ПАРИ официјално се обрати до ЈП Национални Шуми за да добие одговори во врска со плановите за сеча во околината на Љубојно и поширокиот регион, до денес одговори на нашите прашања не пристигнаа.

    Југослава Дуковска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично