Постојано се работи на достоинствена и посветена глобализација на „Алкалоид“, а во регионот е веќе креирана фузија за деловен развој кој секогаш е поттикнат со инвестиции, кои во последните пет години достигнаа 104,1 милиони евра, вели Живко Мукаетов, кој како челник успешно го предводи македонскиот фармацевтски гигант, во интервјуто за InStore.
Успехот е тимска работа, посочува генералниот директор на „Алкалоид“, кој за понудата на пазарот на трудот и за оформувањето кадри вели:
„На пазарот на труд секогаш ги избираме најдобрите кандидати, а одговорноста е огромна кога станува збор регрутирање кадри од стручните сфери, каде што дефицитот веќе стана евидентен. За да направиме одржлива промена во нашиот делокруг, воведовме разни програми за (до)едукација, дуално образование и практикантство кои веќе четврта година успешно се спроведуваат во соработка со државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, а основавме и сопствен едукативен центар. Во служба на квалитетна едукација и продуцирање идни компетентни кадри од сферата на здравството и фармацијата е нашата Фондација „Трајче Мукаетов“, која од основањето во мај 2007 до денес има стипендирано 619 студенти по фармација и медицина на државниот универзитет. По основ на стипендии и еднократни парични награди досега имаме инвестирано околу два милиона евра. Постојано инвестираме во стручна доедукација на нашите кадри, првенствено од сферата на фармацијата и фармацевтската технологија, каде што едeн од нашите главни референтни партнери е Фармацевтскиот факултет во Белград“.
Производите на компанијата се присутни во голем број земји од светот. За извозот, Мукаетов наведува:
„Во првиот квартал од 2023 година, 72 проценти од нашите пласмани беа наменети за извоз. Србија е нашиот најголем извозен пазар, а процентуално, земјите од Југоисточна Европа учествуваат со 29 отсто во извозот, 20 се наменети за Источна Европа, 22 проценти се пласмани на западноевропските пазари.
Според категоријата на производи, предничат фармацевтските со 90, а 10 проценти се од сегментот хемија, козметика и билкарство.
За инвестиции и иновациите посочува:
„Во изминативе три децении инвестициските активности на „Алкалоид“ се насочени кон градење и проширување на производствените капацитети, капацитетите за истражување и развој, инсталирање модерна опрема, лаборатории, технологии, модерен софтвер и добро обучен кадар. Само во изминативе пет години инвестиравме 104,1 милион евра во земјите во регионот, интегрирајќи ги нашите операции за целите на подобро водење на дејноста од нашата база во Македонија. „Алкалоид“ има широка палета на брендови кои постојат години наназад, но навиките и ставовите на потрошувачите се прилично динамични и менливи, па со инвестициите, иновациите и следењето на трендовите не смее да се запре.
До крајот на годинава очекуваме да го завршиме нашиот мегапроект „Таблетно 2“, чија цел е повеќе од двојно зголемување на обемот и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми. На курсот на континуирано инвестирање сме решени да останеме и во иднина, работејќи на глобализација на брендот „Алкалоид“, достоинствено и посветено“.
Целото интервју може да се прочита на следниот ЛИНК