ПОВЕЌЕ

    ЗАМРЗНАТИ АМА ПОСКАПИ: Доматите, краставиците, пиперките и кромидот со повисоки цени, инспекторите на терен

    Време зa читање: 3 минути

    Од утре па до крајот на месецов доматите и краставиците треба да се продаваат по цена од 95 денари за килограм, кромидот за 70, пиперките за 100 денари. Владата денес ги зголеми досега замрзнатите цени на овие видови зеленчук. Причината за тоа е растот на увозните цени во услови кога се уште нема продукти од домашното производство.

    „Има зголемување затоа што се забележуваат зголемени цени во Царинската управа за над 30 проценти кај доматите, краставиците, кромидот и гравот. Зголемување има за доматите, 95 денари е највисоката цената. Истото важи и за краставиците, а за десет денари се зголемува кромидот. За пиперките максималната цена е 100 денари. Само леќата е 110 денари, сите останати цени се под сто денари“, појасни министерот за економија, Крешник Бектеши.

    Всушност, се пристапило кон корекција на цените утврдени пред една недела, по увидот на просечните увозни цени.

    „Од 28 март до вчера имаме нови увозни цени кои се појавија согласно фактурите од Царинската управа. Затоа одлучивме да има мала корекција, бидејќи пријавените цени се многу повисоки од пријавените пред 28 март. И затоа, за да не се направи штета или да се соочуваме со недостиг од одредени производи, одлучивме да донесеме измени и да ги зголемиме согласно процентите од царина и цените во малопродажбата“, наведе Бектеши.

    Инаку, претходните замрзнати цени на доматите беа 70 денари, на кромидот 60, краставиците 75 и пиперките – 90 денари за килограм.

    Министерот потврди дека продолжуваат контролите од страна на Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција, при што дневно ќе се проверуваат и цените на увозот. Доколку има потреба, ќе се пристапи кон нови корекции.

    По утврдените неправилности, односно криењето залихи на овошје зеленчук, грав… по магацините, додека рафтовите и тезгите зјаат празни, Бектеши им порача на прекршителите – „Ова ќе оди до крај, се до моментот кога ќе се утврди како тоа е направено и тоа да не се дозволи повторно“.

    Тој нагласи дека трговците веќе нема да можат да ги кријат производите. „Никој не може да ги крие производите. Денес сите производи ќе бидат ставени во продажба“.

    Исто така, се истражува и како фактурите за увоз биле помали до 28 март, а сега има раст од 30 проценти. Се проверува дали увозниците со лажни фактури се обиделе да избегнат плаќање на давачките кон државата, а побарани се и одговори од институциите во Грција и Турција, од каде што најмногу се увезува овошје и зеленчук. Ако се утврди лажирање, ќе се бара одговорност и од институциите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично