ПОВЕЌЕ
    ПОВЕЌЕ

      ЗАКАНИ ПА – ШАРМИРАЊЕ: Посетата на високата делегација на САД на Гренланд дочекана на нож поради политиката на Трамп кон островот

      Време зa читање: 4 минути

      Гренландските политички лидери го критикуваа претстојното патување на висока американска делегација на полуавтономната данска територија што претседателот Доналд Трамп предложи САД да ја припојат, пишува Ројтерс.

      Делегацијата, која ќе посети американска воена база и ќе гледа трка со кучиња, ќе ја предводи Уша Венс, сопруга на потпретседателот Џеј-Ди Венс, а ќе бидат и советникот за национална безбедност на Белата куќа Мајк Волц и секретарот за енергија Крис Рајт. Во медиумите оваа посета се оценува како своевидна „офанзива на шармирање“, односно нова стратегија на преседателот Доналд Трамп кон Гренланд, која се разликува од претходно искажаните закани дека САД ќе го превземат островот, притоа не исклучувајќи ја ниту можноста за употреба на сила.

      Посетата, наводно, се спроведува во приватно својство – исто како кога Доналд Трамп Џуниор, најстариот син на претседателот, го посети Гренланд.

      Во меѓувреме, авион со данска полиција е на пат за Гренланд за да им помогне на локалните власти, потврди данската полиција.

      Градоначалникот на Сисимиут, град со 5600 жители, ја одби поканата да се сретне со американската делегација. „Можам да потврдам дека ми пријдоа и сакаа да се сретнеме. Меѓутоа, бидејќи сме на средина на изборната кампања, љубезно одбив и предложив да се сретнеме по изборите“, изјави тој за локалниот медиум Сермицијак.

      Посетата доаѓа во политички чувствителен момент. На островот треба да се одржат локални избори на 1 април, а гренландскиот член на данскиот парламент Аја Кемниц рече дека претстојното патување го гледа како мешање во изборите. „Јасно е дека таборот на Трамп не го почитува нашето право на самоопределување без надворешно мешање“, напиша таа на Фејсбук.

      Минатата недела, околу 800 луѓе се собраа во главниот град на островот за да протестираат против американската реторика откако претседателот Доналд Трамп рече дека мисли дека анексија на Гренланд „ќе се случи“ и дека Вашингтон ќе го добие Гренланд „на овој или оној начин“.

      Претходно овој месец, Гренланд одржа национални избори на кои партијата Демократит – која поддржува постепено одвојување од Копенхаген – го обезбеди првото место, малку пред партијата Налерак што се залага за независност.

      Разговорите за коалиција сè уште се во тек, а Јенс-Фредерик Нилсен, водачот на Демократит, се очекува да ја преземе улогата откако ќе се формира коалиција.

      Премиерот на Гренланд во заминување Муте Егеде ја нарече овонеделната посета „провокација“ и рече дека неговата преодна влада нема да се сретне со делегацијата. „До неодамна можевме да им веруваме на Американците, кои беа наши сојузници и пријатели, и со кои уживавме во блиската соработка“, изјави Егеде за локалниот весник „Сермисијак“. „Но, тоа време заврши“.

      Гренландската влада, Naalakkersuisut, сега е во привремен период по општите избори на 11 март на кои победија Демократите, про-бизнис партија која се залага за бавен пристап кон независноста од Данска.

      Јенс-Фредерик Нилсен, лидер на Демократите, повика на политичко единство и рече дека посетата на американската делегација за време на коалициските разговори и со општинските избори кои треба да се одржат следната недела, „уште еднаш покажува недостаток на почит кон народот на Гренланд“.

      Волц и Рајт планираат да ја посетат вселенската база Питуфик, американската воена база на Гренланд. Белата куќа соопшти дека таму ќе добијат брифинзи од припадници на американските служби. Тие потоа ќе му се придружат на Венс за да ги посетат историските места и да присуствуваат на националната трка со кучиња.

      Брајан Хјуз, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа, рече дека американскиот тим е „уверен дека оваа посета претставува можност за градење на партнерства што го почитуваат самоопределувањето на Гренланд и ја унапредуваат економската соработка“. „Ова е посета за да се запознаеме со Гренланд, нејзината култура, историја и луѓе и да присуствуваме на трка со кучиња што Соединетите држави се горди да ја спонзорираат, сосем едноставно“, рече Хјуз.

      Трамп ја направи американската анексија на Гренланд главна точка на разговор откако ја презеде функцијата по втор пат на 20 јануари. Стратешката локација на Гренланд и богатите минерални ресурси би можеле да бидат од корист за САД. Лежи по најкратката рута од Европа до Северна Америка, од витално значење за американскиот систем за предупредување за балистички ракети.

      (Фото: Ројтерс)

      14,794Следи нè на facebookЛајк

      слично