ПОВЕЌЕ

    „Заедно за едно“: Исплатени средства за децата на загинатите во Кочани, ќе помагаме на долг рок

    Време зa читање: 2 минути

    „Заедно за едно“, во првата фаза од поддршката наменета за настраданите во Кочани и нивните семејства, исплати еднократна финансиска помош за децата кои во несреќата загубија родител. Средствата се префрлени директно на платежните сметки на децата или нивните законски застапници, информираат од Фондацијата основана од Македонската банкарска асоцијација. И, посочуваат – во тек се низа активности за финансиска помош и медицинска поддршка.

    „Фондацијата обезбеди средства за набавка на ракавици за пасивна рехабилитација, како и апарати за компресивна крио-терапија, кои претставуваат клучна компонента во процесот на опоравување на дел од повредените лица“, се вели во соопштението.

    Фондацијата „Заедно за едно“ е формирана за да обезбеди суштинска и континуирана поддршка за оние на кои таа им е најпотребна. Затоа, наскоро ќе биде објавен Јавен повик за пријавување на повредените лица, со цел распределба на дополнителна финансиска помош за покривање трошоци поврзани со медицински третмани и рехабилитација.

    „Ова не е трагедија која брзо ќе се надмине и затоа обезбедивме средства кои ќе бидат распределени во повеќе сегменти и во повеќе фази, со цел да помогнеме во закрепнување на повредените. Ќе помагаме континуирано и на долг рок. Да бидеме Заедно за едно – денес, утре и сè додека не заздрават сите“, изјави д-р Маја Стевкова Штериева, претседател на Македонската банкарска асоцијација.

    Срествата во Фондацијата се обезбедени преку донации од банки, штедилници, други финансиски институции, како и од хумани компании и поединци, и се наменети за лицата и семејствата кои се засегнати од трагедијата.

    Македонската банкарска асоцијација и Фондацијата „Заедно за едно“ остануваат доследни на својата заложба — да бидат поддршка на заедницата и на земјата секогаш кога е најпотребно.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично