Надворешниот долг на државата е во нето износ од 4.324 милиони евра, што претставува 30,5 проценти од проектираниот БДП. Оваа состојба е регистрирана на крајот од првата половина од годинава. Во тој период долгот се зголемил за 121 милион евра или за 2,9 насто, покажуваат податоците што ги објави Народната банка, при што се наведува дека од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 62 отсто.
„Во текот на вториот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 226 милиони евра и изнесува 8.357 милиони евра, што претставува 58,9% од проектираниот БДП за 2023 година“, се вели во соопштението од Народната банка.
Како што се наведува, на крајот од вториот квартал бруто надворешниот долг изнесува 11.397 милиони евра и забележа квартално зголемување од 338 милиони евра.
„Бруто надворешните побарувања се зголемија за 216 милиони евра и изнесуваат 7.074 милиони евра. Поголемото квартално зголемување на обврските во однос на побарувањата доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 121 милион евра, така што на крајот на јуни 2023 година тој изнесува 4.324 милиони евра“.
Негативната нето меѓународна инвестициска позиција на крајот од јуни изнесува 8.357 милиони евра, или 58,9 отсто од проектираниот БДП за годинава.
„Од овој износ, најголемиот дел или 85% се нето-обврски врз основа на директни инвестиции, од кои 71% се врз основа на сопственички капитал“, посочуваат од Народната банка.