Нецели педесет илјадарки, или 49.384 денари изнесувале минималните трошоци во април, потребни за премостување на месечните потреби на просечно четиричлено семејство. Најголемите одливи од домашниот буџет се за храна и пијалаци – 19.224 денари, а веднаш по нив се надоврзуваат режиските трошоци со 13.423 денари.
Минималната потрошувачка кошница ја пресметуваат во Сојузот на синдикати на Македонија. Притоа, нивните математики покажуваат дека со функционерска плата можат да се обезбедат три синдикални кошници. Наспроти тоа, состојбата кај работниците е – и две и пол минимални плати се малку за една кошница.
„И покрај сите мерки на Владата, трошоците за храна и пијалоци за само една година се зголемени за 2.766 денари, а во 2023 година ниту еднаш не е намалена вредноста на храна и пијалоци во делот на синдикалната минимална кошница, што покажува дека функционерите си го гледаат само нивниот интерес и знаејќи го овој факт си ги зголемија платите за 2.000 денари дневно или за 78 проценти месечно“, велат од ССМ.
Што се однесува до инфлацијата која ја „јаде“ вредноста на парите и ги зголемува цените, највисоката стапка ја забележа во октомври, кога беа измерени 20 проценти. Во месеците што уследија имаше намалување, кое во април, според последните статистички податоци, ја доведе инфлацијата до 13 проценти, за колку што се зголемени и трошоците на животот во однос на истиот месец лани.
По вителот од поскапувања, состојбата малку се смирува, па намалувања на цените има кај маслото за јадење, кај сирењето, урдата, млекото, лебот…, односно кај производите кои подлежат на владините мерки.
Сепак, секогаш во летните месеци инфлацијата паѓа, па така и министерот за економија најави едноцифрена стапка од јуни па натаму.