ПОВЕЌЕ

    ЗА ТРИ МЕСЕЦИ СИТЕ ЗАЕДНО СМЕ „ПОТРОШИЛЕ“ над 22 милиони часа зборувајќи на телефон

    Време зa читање: 4 минути

    Потреба или озборувачка забава преку телефон?! Како и да е, граѓаните на Македонија, независно дали в рака држат сопствен или телефон на фирма, дали зборуваат приватно или склучуваат бизнис-зделки, или решаваат итни ситуации како пожари – за три месеци потрошиле 1.327.208.067 минути или нешто над 22 милиони часа со мобилен телефон в рака. Зборувајќи на фиксна мрежа, пак, претплатниците потрошиле 15.297.096 минути, или речиси 255.000 саати. Значи, за три месеци во разни видови телефонски разговори граѓаните и фирмите потрошиле вкупно 22,4 милиони саати, покажува извештајот за првиот квартал што го објави Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Ако оваа бројка се спореди со населението, во просек секој еден – од бебе до највозрасен човек – поминал на телефон по 12 часа за 3 месеци, или по 4 часа месечно. Секако, бебињата не зборуваат, но факт е дека сè помлади деца користат телефон.

    ИМА ПОВЕЌЕ МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ ОД БРОЈ НА ЖИТЕЛИ

    Според податоците од АЕК, што ги анализира Пари, во првиот квартал од годинава имало 1.941.996 претплатници во мобилната телефонија. Според Државниот завод за статистика, на 31.12.2024 година процената за бројот на населението е 1.822.612 жители, што значи дека бројот на населението е помал од бројот на претплатници во мобилната телефонија.

    Во државава има и над 450.000 фиксни телефонски линии. Речиси сите компании вообичаено сè уште имаат и фиксни телефони, но и помал дел од повозрасните граѓани сè уште знаат да се држат до она што им е познато – фиксната телефонска линија. Сепак, за разлика од порано, кога телефонските оператори во пакетите за физички лица ги ставаа и фиксните линии, па и фиксни телефонски апарати (гратис), такво нешто сега нема. Комбинации со фиксни телефони се нудат за правни лица.

    КОЈ Е КОЈ НА ПАЗАРОТ НА ТЕЛЕФОНИЈАТА?

    Првото место во мобилната телефонија го држи А1. Тој држи 47,7 насто од вкупниот број на активни претплатници. На второ место е Македонски телеком со 46,7 насто од претплатниците. МТЕЛ изби на третото место со 3,8 насто од претплатниците во мобилната телефонија, а Телекабел со 1,34 насто.

    Удел на операторите во вкупниот број на активни претплатници во првиот квартал

    Но, ако се анализира уделот на операторите во количината на сообраќај (GB) остварен од активните претплатници на пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилна мрежа (2G/3G/4G), тогаш победникот е Македонски телеком со процентуално учество од 64,07 насто, наспроти А1 со 35,93 насто.

    Најголем давател на фиксни услуги, со учество од 51,2 насто во фиксните телефонски услуги, е Македонски телеком, а учеството на А1 е 43,3 насто.

    Удел на оператори/даватели на услуги според фиксни линии во првиот квартал

    СЕ ЧЕКА НОВ МОБИЛЕН ОПЕРАТОР

    Оне Македонија телекомуникации, фирма на унгарската Фор-ај-џи, е единствената компанија што достави понуда на тендерот од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за доделување одобренија за нов мрежен оператор.

    ‒ Ќе се продолжи во согласност со законот. Следува евалуација на документацијата, по што ќе се изготви извештај до директорот на АЕК, со предлог што да се направи како следен чекор, рече Игор Бојаџиев, претседател на Комисијата за спроведување на тендерот на 22 август, по отворање на понудата.

    Но, финалната одлука би требало да се почека по изборите.

    ‒ Треба да се има предвид известувањето од ДКСК дека во периодот до завршување на изборите не смее да се отуѓува државен капитал. Бидејќи радиофреквенциите се државен ресурс со кој управува државата и во случајот ќе се отуѓат, финалната одлука, ако е сè во ред, ќе се донесе по завршување на изборите, – појасни Бојаџиев.

    Потенцијалниот нов мобилен оператор во земјава, според условите од тендерот, треба да почне со работа на крајот од 2026 година. Неговиот влез треба да донесе конкуренција, која секогаш се смета за здрава работа, подобар квалитет и нови услуги.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично