ПОВЕЌЕ

    ЗА ПОВЕЌЕ ДЕСТИНАЦИИ И ПАТНИЦИ: Шест години државна поддршка за авиопревозниците

    Време зa читање: 3 минути

    Од сегашните три, субвенционирањето на авиокомпаниите да се продолжи на шест години. На тој начин ќе се стимулира зголемувањето на бројот на летови, воведувањето нови дестинации, а ќе порасне и бројот на превезени патници. Ова е наведено како цел на измената содржана во Предлог-законот за изменување на Законот за воздухопловство.

    Иницијативата е на шест пратеника од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои во предлогот доставен до Собранието посочуваат:

    „Со цел да се поттикне развојот на пошироки мрежи на рути и да се поддржи одржлив раст на поврзаноста, се предлага зголемување на периодот на поддршка до шест години“.

    Практичната реализација на предложеното решение, спорд предлагачите, ќе обезбеди „услови за поголема флексибилност и поттик за развој на воздушната мрежа, што ќе резултира со подобра поврзаност, економски развој и поконкурентни цени во авиопревозот во Република Северна Македонија“.

    Измените не предвидуваат дополнителни финансиски импликации врз Буџетот, бидејќи се работи за „подолгорочно планирање и алокација на веќе предвидени средства“.

    Според постојната регулатива, Владата доделува финансиска поддршка за домашни и странски авиопревозници врз основа на критериумите: зголемување на фреквенција на летови, воведување нови дестинации, раст на бројот на патници и исполнување на законските услови за работа.

    Програмата за субвенционирање на авиопревозниците стартуваше во 2012 година со Визер. Во таа прва година на унгарскиот нискобуџетен авиопревозник му биле исплатени 25,6 милиони денари. Со оваа компанија беа склучени три тригодишни договори. Последниот заврши на први март 2022 година, а тогашниот владин состав внесе измена, односно даде можност такви договори да се постигнуваат со повеќе авиокомпании.

    Последниот јавен повик за субвенции беше објавен лани во декември и се однесува за периодот 2025–2027 година. Поддршката изнесува девет евра по патник превезен до Меѓународниот аеродром Скопје и по 12 евра до охридскиот Св. Апостол Павле, а условот е авиокомпаниите да воведат нови редовни линии.

    Податоците исто така покажуваат дека под влијание на поволноста што им се дава на авиопревозниците, бројот на директни дестинации до и од Македонија се зголемил од 14 (2011) на над 40 во 2024 година. А бројот на патници на двата аеродроми лан бил 3.174.484.

    Инаку, Владата е во преговори и со авиокомпанијата Рајанер, а како што неодамна изјави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, со нивното евентуално доаѓање значително ќе се зголеми бројот на директни линии.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично