Со цел да се зголеми финансиската едукација кај младата популација и нивната писменост, склучен е Меморандум за соработка меѓу Комисијата за хартии од вредност на, Природно-математичкиот факултет од Скопје при УКИМ и Сојузот на математичари на Македонија.
Повод за официјално договорената соработка е Македонската економска олимпијада, која традиционално се организира во земјава. Се смета дека на тој начин ќе биде овозможено полесно откривање, поддршка и поттикнување на натпреварувачкиот дух кај учениците од средното образование. Преку предавања што ќе ги одржуваат експерти од КХВ младите ќе се стекнат со продлабочени знаења од областа на финансиските пазари, економијата и инвестирањето. А, најуспешните ученици ќе се натпреваруваат на финалето на Меѓународната економска олимпијада, која ќе се одржи во Хонг Конг на крајот од месецов.
Потписници на Меморандумот се претседателката на КХВ, Нора Алити, деканот на ПМФ, Даворин Трпески, и претседателот на Сојузот на математичарите, Ѓорѓи Маркоски.