Владата ќе ги поткрепи општините со 250 милиони евра. Парите од државната каса ќе се наменат за развој и капитални проекти кои, како што се најавува, ќе го олеснат и подобрат животот на граѓаните.
Од септември градоначалниците ќе можат да аплицираат на јавен повик што ќе го објави Министерството за локална самоуправа за добивање средства за проекти во нивните општини. За иницијативата се посочува дека е дел од поголемиот план на Владата за подобрување на животниот стандард на граѓаните и развој на локалните заедници.
Средствата ќе се обезбедат со претстојниот ребаланс на Буџетот. А, ќе се одобруваат врз основа на подготвени прокти од страна на општините, чија реализација ќе обезбеди нова патна инфраструктура, училишта, градинки, водовод…
Како што се предвидува, општините треба да конкурираат со готови проекти проследени со целосната неопходна докумантација, а посебна комисија ќе врши нивна евалуација согласно Законот за рамномерен регионален развој. Притоа, предвид ќе се земе број на населението и развиеноста на регионот, посочи во ТВ гостување министерот за локална самоуправа, Златко Перински. Според него, повеќе пари ќе има за посиромашните општини.
Инаку, одобрените средства ќе се исплаќаат авансно на наменски сметки што Министерството за финансии ќе ги отвори за општините, а локалните самоуправи ќе ја продолжат постапката. Министерстото за локална самоуправа, пак, ќе контролира како се трошат буџетските пари одвоени за општините.