Oперативниот план за вработување, со обезбедени речиси 40 милиони евра и насочен кон повеќе од 16 илјади лица е клучен проект на Министерството за економија и труд. Досегашниот одзив на заинтересираните, преку четирите јавни повици резултира со 6.026 апликации, нагласи меѓу другото министерот Бесар Дурмиши, во отчетот за работењето во првата година од мандатот. Планот е носечка алатка и стратешки документ во борбата со невработеноста.
„Планот опфаќа низа специфични мерки за обуки, стекнување вештини и грантови за сопствени бизниси со кои ќе им се помогне на различни категории граѓани. Млади до 29 години и луѓе од ранливи групи да се самовработат и да станат економски независни“, рече Дурмиши.
Грантовите што ќе се доделуваат за самовработување се движат од 430.500 до 615.000 денари, зависно од возраста (до и над 29 години). Притоа, им се дава можност и тие што се во неформалната економија да ги формализираат своите бизниси.
За мерките за скалесто ограничување на маржите за 102 групи производи, кои опфатија над илјада артикли, Дурмиши вели – дадоа резултати.
„Стапката на инфлацијата е намалена за 1,3 проценти, а цените на храната за ти проценти само во март 2025, а преку други мерки кои дадоа резултати постигнавме намалување на цените и реална заштеда за семејствата“, посочи министерот. Според него, Министерството постојано ги следи податоците од релевантните институции и прави анализи со мерки за да се заштитат граѓани од ценовни шокови или нарушување на трговските текови.
За обврската што ја имаат маркетите дневно да ги ажурираат цените на нивните веб-страници, министерот информираше дека во следниот период ќе се изработи и апликација, која преку алгоритам ќе ги споредува цените. А граѓаните ќе имаат увид каде во нивна близина производот е најевтин.
Дурмиши соопшти дека Трудовиот инспекторат ги зголемил теренските контроли за 20, а Пазарниот инспекторат за 15 проценти.
Потрошувачката кошница ќе се однесува на потребите на четиричлено семејство, а изработката е во завршна фаза, посочи министерот. Производите што ќе ги содржи ќе бидат официјализирани по формирањето на Економско-социјалниот совет. Важно е, според него, што кошницата ќе биде реална, со податоци од релевантни институции, наспорти таа што ја пресметуваат синдикатите. Како што рече, ССМ зема цени само од еден маркет, а кошницата што се подготвува ќе земе предвид цени од три до пет маркети, од каде што ќе се извлече просечната цена.