ПОВЕЌЕ

    ЗА КРЕДИТИТЕ 5,19%, ЗА ДЕПОЗИТИТЕ 1,86% просечна камата во мај

    Време зa читање: 3 минути

    Просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени од банките во мај изнесува 5,49 проценти. Истиот месец на вкупните депозити се пресметувала просечна стапка од 1,86 проценти. И двете стапки бележат годишен раст, првата за 0,40, а втората за 0,64 процентни поени.

    Сепак, кај стапката применета во кредитирањето, според информацијата на Народната банка за позначајните мајски движења во овој сегмент, има месечно намалување за 0,02 процентни поени. А, таа за влоговите бележи дополнителн 0,04 процентни поени.

    Воедно, за новоодобрените кредити просечната каматна стапка е 5,19%. Овде има и месечен и годишен пад за 0,28, односно за 0,13 процентни поени. Месечен пад од 0,18 п.п. е регистриран кај просечната стапка на новите депозити доверени во банките, на годишна основа има раст од 0,43 п.п., па во мај изнесува 2,36 проценти.

    Гледано по сектори, за корпоративниот, односно за неговите вкупни кредити стапката е со месечен минус од 0,04 п.п. и во мај е на ниво од 5,31 процент. Намалувањето е предизвикано од намалените каматни стапки за сите видови кредити. Анализирано на годишна основа, просечната стапка има раст од 0,50 процентни поени.

    Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, пак, во петтиот месец од годинава изнесува 5,16% и на месечна основа е намалена за 0,41 п.п, што се должи на пониските стапки на денарските кредити со валутна клаузула. Исто така, има и годишно намалување за 0,20 процентни поени.

    Просечната камата за депозитите на компаниите од 2,21% е покрепена со месечен раст од 0,10 п.п., поради тоа што се зголемиле стапките за девизните депозити и за денарските со валутна клаузула. Годишниот раст е за 0,29 процентни поени.

    За новите депозити во мај се пресметувала просечна стапка од 2,38 проценти. Намалена е за месечни 0,23 п.п., како резултат на падот на каматите за денарските депозити без валутна клаузула. Годишниот раст на оваа стапка изнесува 0,88 процентни поени.

    Кредитите на домаќинствата во мај имале просечна стапка од 5,65 проценти, која останала непроменета во однос на претходниот месец. Но, на годишно ниво е зголемена за 0,31 процентен поен.

    За новите кредити одобрени на граѓаните, банките применувале стапка со просек од 5,26 проценти, која во мај била намалена за 0,07 процентни поени. Таквата промена е резултат на пониските стапки кај денарските кредити без и со валутна клаузула. Во споредба со истиот месец од 2023, оваа каматна стапка е зголемена за 0,01 процентен поен.

    Депозитите, пак, на населението имале стапка од 1,81 процент. На месечно ниво е зголемена за 0,02 п.п., што се должи на повисоките камати за денарските депозити без валутна клаузула и на депозитите во странска валута. Годишниот раст на стапката е за 0,66 процентни поени.

    Податоците од Народната банка покажуваат дека за 0,16 п.п. во мај се намалила стапката на новопримените депозити и е на ниво од 2,36 проценти. Како причина за тоа се посочува падот на каматните стапки за денарските депозити без валутна клаузула и на девизните депозити. Во однс на сосотојбата од пред една година, оваа камата е повисока за 0,18 процентни поени.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично