Повисоките трошоци за основни суровини, енергија и работна сила ја намалиле добивката на Жито Лукс, која по одработениот деветмесечен период е во бруто из нос од 23 милиони денари, односно 374,2 илјади евра. Добивката е помала за два милиони денари (32,5 илјади евра, наведуваат од компанијата, која известува за стабилни оперативни и финансиски резултати. Со бруто маржа од 33 насто, „одразува добра производна профитабилност и континуирана побарувачка за производите“.
Производите, пак, донеле вкупни приходи од над 14,9 милиони евра, сума за помалку од половина процент (−0,37%) пониска од минатогодишниот споредбен период. Извесен пад од два отсто е регистриран на домашниот пазар, каде што се купени леб, печива, брашно и многу дриги производи за 14,3 милиони евра. Продажбата е зголемена на странскиот пазар – за 64,2 насто, а обезбеден е прилив од 603,9 илјади евра.
Од Жито Лукс велат дека генерираните приходи се стабилни и се одраз на континуираната побарувачка, а обемот на продажбите е за четири насто поголем кај основните категории производи.
Останатите оперативни приходи изнесуваат 211,4 илјади евра, што претставува годишно зголемување од 63 насто.
За четири насто се повисоки и трошоците за продадените производи, кои првенствено се поврзуваат со зголемените цени на основните производствени инпути и зголемените фиксни трошоци на тековните капитални инвестиции. Пониските оперативни трошоци, пак, според компанијата, се показател за ефективната контрола.
Таквиот пристап нема да се менува: „Компанијата ќе продолжи да се фокусира на оптимизирање на структурата на трошоците, искористување на неодамнешните инвестиции и понатамошно зајакнување на своето присуство на пазарот преку иновации на производи и оперативна ефикасност“. Притоа, се нагласува: „Нашите највредни сознанија доаѓаат токму од потрошувачите кои влијаат врз обликување на нашиот иден развој на производи, како и врз зајакнување на брендот“.
 Аналитика



                                    




