Нетрговските трансфери изведени минатата работна недела бројат 2.903 акции, од кои две приоритетни, од котирани друштва, покажуваат податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност, што ги објавува Македонска берза. Се работи за хартии од вредност издадени од 11 компании и две банки.
За арно за убаво, како што е мотото на винаријата „Попова Кула“ од Демир Капија, како подарок, наследство или за нешто трето сопственоста е пренесена кај 1.500 акции. Со тоа винарската визба овојпат го предводи друштвото чии акции се застапени во оваа активост.
Забележано е во неделната статистика дека во два наврати се трансферирани акции емитувани од скопски „Алкалоид“. Прво 135, потоа уште 320, или вкупно 455 обични акции.
И акциите – 250 на број од „Макстил“, се запишани во текот на два работни дена: 90 и 160 обични акции.
На двапати се пренесувала сопственоста и на акциите со знакот на Стопанска банка Скопје. Се работи за 100 обични и за две приоритетни акции.
Меѓу акциите што се нетрговски трансферирани се и оние од фирмите произлеени од некогашната Железара: на РЖ „Интер-Трансшпед“ 19 и на РЖ „Услуги“ – 153 обични акции.
Понатаму, по пат на овој начин сменета е сопственоста на две акции од „Макпетрол“, 15 на „Окта“, и по 20 обични акции на „Тетекс“ АД Тетово и на „Уготур“ од Скопје. Трансферирани се и 50 обични акции на Комерцијална банка, како и 85 на Тутунски комбинат АД Прилеп. Речиси и да нема неделна статистика без нетрговски трансфер со хартиите на вредност издадени од акционерското друштво „Гранит“. Во оваа се нотирани 232 обични акции.