ПОВЕЌЕ

    Врачени годишните награди на Македонска берза за 2023 година

    Време зa читање: 6 минути

    Трета година по ред Македонска берза доделува годишни награди во повеќе категории, а свечената церемонија се одржа синоќа, на која им беа врачени признанијата на избраните котирани компании, членки на Берзата и други субјекти поврзани со македонскиот пазар на хартии од вредност. Свои обраќања имаа министерот за финансии, Фатмир Бесими, и главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев.

     

    Добитници на Годишните награди на Македонска берза за 2023 година се:

     

    Комерцијална банка и Уни банка во категоријата „Акција со најголем промет во 2023 година“

     

    Во конкуренција на акционерски друштва над 50 милиони пазарна капитализација добитник е Комерцијална банка АД Скопје, a во име на банката наградата ја прими Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор.

    Во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони пазарна капитализација добитник е УНИ банка АД Скопје, а извршниот директор Владислав Хаџидинев ја прими наградата.

    Комерцијала банка и Уни банка во категоријата „Акција со најголем пораст на цената во 2023 година“

     

    Во конкуренција на акционерски друштва над 50 милиони пазарна капитализација добитник е Комерцијална банка АД Скопје, а Маја Стевкова Штериева, главен финансов директор, во име на Комерцијална банка ја прими оваа награда.

    Во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони пазарна капитализација добитник е УНИ банка АД Скопје, а во име на друштвото наградата ја прими Владислав Хаџидинев, извршен директор на Банката.

    „Окта“ и Стопанска банка Битола во категоријата „Акција со најголем пораст на прометот во 2023 година“

    Во конкуренција на акционерски друштва над 50 милиони пазарна капитализација добитник е „Окта“ АД Скопје, а Димитриос Пасхос, главен извршен директор ја прими наградата.

    Во конкуренција на акционерски друштва под 50 милиони пазарна капитализација добитник е Стопанска банка АД Битола, а наградата ја прими Александра Радевска, претседател на Управниот одбор.

    „Илирика Инвестментс“ и „Еурохаус“ во категоријата „Членка на годината за 2023 година“

    Членка на годината која има остварено најголем промет и трансакции од редовно тргување со акции – добитник е „Илирика Инвестментс“ АД Скопје, а Васко Митев, директор на членката ја прими наградата.

    Членка на годината која има остварено најголем промет и трансакции со обврзници – добитник е „Еурохаус“ АД Скопје, а Стефан Степаноски, извршен директор, ја прими наградата.

    Комерцијална банка во категоријата „Најтранспарентно котирано акцинерско друштво за 2023 година“

    По избор на пазарните учесници – добитник е Комерцијална банка АД Скопје. Наградата ја прими Марина Момировска, лице за контакт со инвеститори во Банката.

    Комисијата на пазарните учесници ја сочинуваа Лидија Трајковиќ и Филип Петрушевски како претставници на членките на Берзата, Лазе Камчев и Сашо Дракуловски, како претставници на инвестициските фондови и Весна Стојановска, како претставник на пензиските фондови.

    „Алкалоид“ во категоријата „Најтранспарентно котирано акцинерско друштво за 2023 година“

    По избор на медиумите – добитник е „Алкалоид“ АД Скопје. Наградата ја прими генералниот директор Живко Мукаетов.

    Комисијата на пазарните учесници ја сочинуваа Петре Димитров – главен и одговорен уредник на порталот emagazin.mk, Весна Миќиќ Божиновска – главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“ и на порталот vecer.press.mk, Нина Нинеска Фиданоска – главен и одговорен уредник на порталот faktor.mk, Наташа Мерсовска – новинар во телевизијата „Сител“ и Горан Теменугов – новинар во порталот pari.mk.

    „Алкалоид“ во категоријата „Акција на годината за 2023 година по избор на јавноста“

    Наградата „Акцијата на годината по избор на јавноста“ се доделува на котирано акционерско друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда.

    Министерството за финансии во категоријата „Годишна награда за придонес во областа на едукацијата и развојот на пазарот на хартии од вредност“

    Според мислење на Комисијата, во текот на 2023 година Министерството за финансии на Република Северна Македонија со успешно издавање на низа нови државни хартии од вредност, односно двете емисии на граѓански обврзници, како и новите „зелени” и структурни обврзници даде успешен пример и ја збогати понудата на домашниот пазар. За доделување на оваа награда беше формирана Комисија во состав: Тони Стојаноски – претставник од Одбор на директори на Македонска берза, Иван Штериев – претставник од стручната служба на Берзата, Магдалена Симоновска – претставник на регулаторните институции, Горан Марковски – претставник од пазарните учесници, Јелисавета Георгиева – Јовевска – претставник на корпоративниот сектор, Сашо Арсов – претставник од високообразовна институција и Драган Давитков –  претставник од редот на експерти во областа на финансии.

    На добитниците, наградите им ги врачија Нора Алити – претседателка на Комисијата за хартии од вредност,  Тони Стојановски – претседател на Одборот на директори на Берзата, Нина Неданоска – неизвршен член на Одборот на директори на Македонска берза, Иван Штериев – главен извршен директор на Македонска берза, Филип Петрушевски – извршен директор на Инвестброкер Скопје (претставник на Комисијата на пазарни учесници), Весна Миќиќ Божиновска – главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“ и на порталот vecer.press.mk (претставник на Комисијата на медиуми) и Нина Нинеска Фиданоска – главен и одговорен уредник на порталот faktor.mk.

    Инаку, за овие признанија, за кои се очекува да бидат мотив не само за наградените, туку и за сите други пазарни учесници, пресекот, согласно усвоената Методологија за доделување на наградите од страна на Одборот на директори на Берзата, се прави вториот петок во декември. За останатиот дел од наградите одлучуваа специјални комисии составени од пазарните учесници, експерти и претставници на медиумите, а за наградата „Акција на годината“ пошироката инвестициска јавност преку анкета на сајтот на Берзата.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично