ПОВЕЌЕ

    Прво локално партнерство за вработување за креирање повеќе и подобри работни места

    Време зa читање: 3 минути

    Намалување на невработеноста, особено меѓу младите и жените, развивање работни вештини и искуства, како и креирање нови, подобри работни места во локалната економија, се главните цели на првото Локално партнерство за вработување (ЛЕП) кое во нашата земја го поддржа Меѓународната организација на трудот (МОТ) во рамки на проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, со финансиска поддршка од Европската Унија.

    „Соочени со последиците од кризата предизвиката од КОВИД-19, со прогноза од околу 40.000 загрозени работни места во земјата, локалните партнерства за вработување може да послужат како алатка за рестартирање на пазарот на трудот на локално ниво, со наменски креирани решенија за конкретните предизвици со кои се соочуваат локалните заедници. Искуството на МОТ со спроведување на ЛЕП покажало дека тие претставуваат ефективен механизам за креирање на работни места“, изјави Маркус Пилгрим, директор на МОТ за Централна и Источна Европа.

    „Концептот на ЛЕП овозможува ефикасна соработка меѓу општините, агенциите за вработување, претставниците на бизнисот, образовните институции и граѓанските организации, кои најдобро се запознаени со состојбата, можностите и потребите на локалниот пазар на трудот и се во најдобра позиција да препорачаат ефективни интервенции за креирање на работни места“, додаде Пилгрим.

    Со поддршка од 100.000 ЕУР за спроведување на иновативните идеи за креирање работни места, се очекува развој на 40 нови бизнис идеи, финансирање на 8 старт-апи со доделување грантови, и креирање на дополнителни 40 квалитетни работни места.

    „Задоволни сме што токму Битола е првата општина во нашата земја од каде стартува имплементацијата на локалните партнерства за вработување. Сите активности што ќе произлезат и ќе се спроведуваат во рамки на овој проект ќе ги координира локалниот трипартитен економско-социјален совет на Битола. Тоа покажува дека како локална заедница располагаме со соодветен капацитет за успешно имплементирање на оваа нова форма на дијалог и соработка што треба да доведе до зголемување на вработувањето. Сигурна сум дека со посветена работа, споделување на обврските и со заложба од сите страни вклучени во ова партнерство ќе успееме да ги исполниме и надминеме поставените цели и на тој начин да креираме нови можности за вработување на младите и да го поттикнеме економскиот развој на нашата заедница“, изјави градоначалничката на Општина Битола и претседателка на локалниот економско-социјален совет, Наташа Петровска.

    Во првото Локално партнерство за вработување во Битола учествуваат следниве институции и организации: Општина Битола, Агенцијата за вработување, Универзитетот „Св. Климент Охридски“, Техничкото средно училиште „Ѓорѓи Наумов“, Регионалната канцеларија на Стопанската комора, Фондацијата за одржлив економски развој – ПРЕДА, Младинскиот културен центар и организацијата „Интерворкс“ од Битола.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично